Додека работните тимови се подготвуваат за нова средба во Софија што треба да се одржи четврток и петок, во Скопје се разгоре меѓу-партиската дебата за историски личности и теми. Треба да има дебата, но врз основа на аргументи, велат политиколози со коие разговараше РСЕ.
„Предавството мислат дека ќе го покриваат со пари и така ќе купат колку-толку поддршка од граѓаните кои ги ограбуваат секој ден“
„ВМРO-ДПМНЕ против делото на великанот Делчев, тоа е партијата што ги воспеваше Михајлов, Александров и поставуваше споменици на Ќосето“.
Ова се две кратки реплики меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменети деновиве, а поврзани со темите кои се дел од разговорите меѓу Скопје и Софија. Првата реченица е дел од Фејсбук статусот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ги коментираше претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски кој вели „не се осмелија да изустат, а камоли да напишат дека Ѓорѓи Делчев бил Македонец“, а поврзувајќи го тоа со договорот со синдикалците, првиот опозиционер пишува за постигнатиот договор со „лакејот од синдикатот“.
Втората реченица е од партиското соопштение на СДСМ од каде што тврдат дека опозицијата всушност прави поделби. И двете партии всушност дебатираат за историјата, тема поради која источниот сосед првично ја блокираше македонската европска интеграција во 2020 година. Од тогаш историјата останува да биде тема за дебата во заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји која е составена од експерти.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија партиите не одолеваат на популистичкиот пристап кон ваквите прашања од причина што преку симболични и емотивни приказни наместо преку издржани политики лесно се привлекуваат гласачи.
„Евтино чини да се употреби, се добива големо внимание и наклонетост. И тоа треба да се разграничи од патриотизмот, оти популизмот е негативна појава која доаѓа со цена- добивате поделена јавност која не може да се разбере меѓу себе оти не разговараат врз принципот на дијалог и аргументи, туку на јазикот на емоции“, вели Трошановски.









