Многу слабости од политичкиот живот на Балканот, не само во албанскиот простор, се поврзани со недостаток на политичка култура и државна традиција, вели во изјава за „Слободен печат“, Енвер Робели, дописник за Југоисточна Европа на швајцарскиот весник „Тагес Анзејгер“.

„Повеќето земји излегоа од разни и длабоки, делумно вооружени конфликти. Партиите функционираат повеќе како толпи кои го бодрат водачот. Кој и да критикува, се казнува. Затоа, речиси во сите партии доминира само лидерот, кој бара посветеност и возвишеност од приврзаниците. Поддржувачите се надеваат дека на милост и немилост на лидерот ќе најдат работа во државната администрација, бидејќи таму ‘ништо не работи’ или ‘малку се работи’, ова е до одреден степен последица на размислувањето, но влече корени дури и во историјата. Значи, сè додека партиите функционираат како работодавачи во државната администрација, а не како партии што создаваат еднакви услови за развој на сите области, особено на економијата и образованието, ситуацијата тешко ќе се промени- вели Робели за „Слободен печат“.

Што се однесува до реториката, тој смета дека таа е важна во политиката, но кога нема содржина станува штетна.

„Навредата меѓу политичарите е трансбалканска болест. И со доминацијата на социјалните медиуми во јавниот дискурс, оваа болест се шири уште повеќе. Сериозните и традиционални медиуми се во криза, додека политичарите ја пласираат својата пропаганда преку нови (дигитални) канали, без филтрирање и контекстуализирање од страна на медиумите. Епилогот од сето ова е загадувањето на јавната дебата и драстичниот пад на квалитетот на политиката, но ова, за жал, важи и за многу западни земји. Кој би помислил дека во Германија секој петти или шести Германец ќе гласа за партија со неонацистички корени? Без да навлегувам подлабоко во отровот на популизам во Италија, Франција, Австрија и други земји“, истакнува Робели.