Македонските политичари се единствените луѓе што можат да се караат 30 години за истата работа и сѐ уште да немаат решение.
Ги гледаш на телевизија и мислиш дека ќе зборуваат за економија, здравство, образование… А не. Повторно сме на темата:
„Тој крадеше!“
„Не, тој крадеше!“
„Имам докази!“
„И јас имам докази!“
Човек би помислил дека ако сите имаат толку докази, досега пола држава ќе беше во затвор. Ама не, доказите служат само за прес-конференции, не и за судови.
Политичарите кај нас се како поранешни партнери после раскинување. Не можат да живеат заедно, ама не можат ни да престанат да зборуваат еден за друг.
Едните велат:
„Овие ја уништија државата!“
Другите велат:
„Не, вие ја уништивте!“
А народот збунето прашува:
„Добро бе луѓе, ако сите сте ја уништиле, кој ја градел?“
Најубаво е пред избори. Тогаш сите одеднаш стануваат експерти за народните маки. Се поздравуваат со баби, бакнуваат деца, јадат бурек во пекари и пијат кафе со пензионери како да не виделе човек четири години.
А штом завршат изборите, повторно исчезнуваат побрзо од плата на петти во месецот.
Во Македонија политиката одамна не е борба за идеи. Тоа е натпревар во кој победува тој што најубедливо ќе објасни дека за сѐ е виновен некој друг.
И така секој ден:
– Тој е криминалец!
– Не, ти си криминалец!
– Ти лажеш!
– Ти лажеш повеќе!
Само едно нешто никој не го кажува:
„Луѓе, ајде малку да работиме.“
Тоа изгледа е единственото ветување што никој не се осмелува да го даде.
Наша Анализа








