АНКАРА (АА) – Азиските тигрести комарци што можат да пренесат повеќе од 20 смртоносни вируси, станаа кошмар на многу европски земји, пишува Агенција Анадолија (АА).

„За земјите како што се Италија, Франција и Шпанија ова претставува многу лошо сценарио. Тие не можат да ги елиминираат азиските тигрести комарци повеќе, туку само се обидуваат да го намалат нивниот број и да ги минимизираат ефектите“, изјави Соерен Метелмен, научник од британскиот Универзитет во Ливерпул.

„Азискиот тигрест комарец може да пренесе над 20 различни вируси како што се денга, чикунгуња, зика, жолта треска, а исто така и некои од филарните црви“, изјави тој.

Метелмен и објасни трите фази преку кои се пренесува инфекцијата предизвикана од комарци.

„Причинител на инфекцијата [пример заразен патник или мајмун], вектор [комарецот] и домаќин [човекот]“.

Комарецот потекнува од суптропските региони на северна Кина и централна Јапонија, но постепено се проширил во Северна Америка и Европа со посредство на „специјален механизам“.

„Овој вид ја има таа предност што може да полага јајца на крајот од годината кои можат да чекаат додека не заврши зимскиот период и од нив ларвите излегуваат кога температурите ќе бидат многу попогодни напролет“, вели Метелмен.

Тој преудпреди дека климатските промени и глобалното затоплување можат додатно да играат улога во ширењето на тие инфекции преку комарците.

„Кога температурите се повисоки, бројот на комарците е поголем и тие стануваат заразни многу побрзо, што доведува до совршени услови за појава на епидемија“, рече тој.

„Уште позагрижувачко е што овој комарец веќе предизвика две епидепии на чикунгуња со приближно 300 и 500 случаи во Италија, како и голем број случаи на денга во јужна Европа. Имаше и случај на зика во Франција оваа година“.

Со цел да се спречи ширењето на болестите и на комарците понатаму, Метелмен посочи дека активното набљудување и прскање со инсектициди за убивање на ларвите може да помогне во намалувањето на епидемиите.

„Мислам дека најдобриот начин да се избегнат таквите случаи во Европа би бил да се помогне во намалувањето на бројот на заболени во тропските предели. Доколку има помалку случаи во тропските предели, помалку патници се заразуваат и ја носат болеста во Европа“, додаде тој.

– Заканата е реална –

Мориц Крамер од Универзитетот „Оксфорд“ изјави дека заканата од овие тигрести комарци е многу реална, а дека за три децении ќе биде закана и за Јужна Америка и Источна Африка.

„Севкупно, 197 земји се очекува да пријават случаи до 2080 година, од кои 20 за прв пат“, изјави тој.

„Климатските промени едноставно влијаат на ширењето на комарците, бидејќи тие живеат подолго и можат да живеат на места коишто претходно биле премногу ладни или не биле доволно влажни или населени“, додаде тој.

Крамер, исто така, изјави дека за ширењето на тигрестите комарци клучен е антропогениот фактор, односно луѓето кои патуваат и ги пренесуваат од ендемичните во неендемичните региони.