Министерот за надворешни работи на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд Али, изрази среќа од посетата на турските делегации во неговата земја поради араканските муслимани, и рече дека Турција им дава поддршка во однос на араканската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на програмата „Visit Bangladesh 2018“ во главниот град на оваа земја, Дака, министерот Али се состана со околу 50 новинари од Турција, Канада, Саудиска Арабија, Јапонија, Оман, Бразил, Етиопија, Индија, Филипините и Јужна Кореја, и одговараше на нивните прашања.
Али изрази задоволство поради посетата на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, како и за посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и неговата сопруга, Емине Ердоган, на камповите во кои се наоѓаат Араканците во градот Кокс Базар во Бангладеш. „Турција ни дава поддршка (во однос на Аракан). Има бројни планови околу араканската криза“, додаде тој.
Али нагласи дека Турција за помош на Араканците спроведува активности во повеќе области во Бангладеш, и дека Турците во ова подрачје изградиле болница за араканските муслимани.
Тој информираше дека дел од араканските муслимани ќе бидат преместени на островот Башан Чар поради големиот број луѓе во камповите во Кокс Базар. Според него, тие сè уште работат на овој проект, и планот ќе се реализира кога куќите на островот ќе бидат готови.
Али потсети дека во август ги посетиле селата на Араканците во Мјанмар. „Индиската Влада таму изгради 250 куќи за Араканците. Исто така, кинеската Влада ќе гради 1000 куќи“, рече тој, додавајќи дека реализирале средби и со кинеските и со мјанмарските власти.
Запрашан кога ќе се реализира враќањето на Араканците, Али потсети дека во минатото се случиле слични практики, и рече: „Ова е еден процес којшто трае. Треба да завршат работите“.
Тој, исто така, го повтори и инсистирањето на админстрацијата на Бангладеш за безбедно враќање на Араканците.
Според Обединетите нации (ОН), од 25 август 2017 година над 700.000 Араканци, бегајќи од Аракан, се засолниле во Бангладеш.
ОН и меѓународните организации за човекови права ги карактеризираат како етничко чистење или геноцид насилствата извршени од страна на воените сили на Мјанмар.









