Утре ќе се одржи 32-от Охридски пливачки маратон, ќе се плива на 25, наместо на 30 километри

0
195

а патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид, утре напладне ќе стартува 32-то издание на една од најголемите домашни спортски манифестации, Охридскиот пливачки маратон.

Во езерските води ќе пливаат вкупно 30 пливачи, од кои 20 во машка и 10 во женска конкуренција. Наградниот фонд е 15.000 долари. Во Охрид доаѓа дел од светската пливачка елита. Ќе биде и ланскиот победник, Германецот Александар Стужински, Аргентинецот Дамјан Блум, кој години наназад учествува на маратонот. Боите на Македонија ќе ги бранат само двајца пливачи и тоа во машка конкуренција, Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски.

Годинава има измени во организацијата, па наместо како досега на 30 километри, ќе се пливаат 25 километри. Претседателот на Пливачката федерација на Република Македонија Александар Маленко истакна дека промената дошла сама по себе, а притоа се следени правилата и официјалните дисциплини на ФИНА.

– Патеката е скратена кај Љубаништа, дел од „Градиште“ до хотелот „Гранит“, а во финишот преку „Куба Либре“ директно ќе се влегува во целта. Името на патеката останува „Климе Савин“. Без трка на 25 километри не можеме да разгораваме за доаѓање на светската пливачка елита или организирање на светски настан од вакви размери, рече Маленко.
Од ова издание, Охридскиот пливачки маратон ќе стане дел од светската и европската елита, а не како досега во серијата на ФИНА Гран при трките за маратони до и над 30 километри.

Регуларноста на трката ќе биде следена од будното око на делегатот на ФИНА, Жан Пол Нарс, кој очекува успешна трка, без грешки и најважно без повреда на некој од пливачите.

Првата маратонска трка на релацијата „Горица-Охрид“, во должина од 2,5 километри е одржана во 1954 година. Учествувале осум пливачи, а победил Нико Нестор. Следните се одржани во 1956 и 1957 година, победници се Дики Бојаџи и Ѓоко Чудов. Се натпреварувале и жени, а најдобри биле Снеже Групчева и Соња Думбалоска. Првиот вистински маратон се одржал во 1962 година на патеката Пештани-Струга-Охрид, во должина од 36 километри. Победил Абу Хеиф од Египет, втор бил Вилјам де Вренг од Холандија, а трет Дики Бојаџи од Република Македонија. Во женска конкуренција победила Атина Бојаџи од Република Македонија, инаку сестра на Дики Бојаџи. Маратонот продолжил да се одржува до 1966 година (со исклучок на 1963 година, поради Скопскиот земјотрес). Од 1992 година се одржува секоја година на патеката „Климе Савин“. Најмногу победи на пливачкиот маратон во Охрид има остварено Бугаринот Петар Стојчев, дури 11, додека по еднаш триумфирале и Македонците Евгениј Поп Ацев во 2015 година и Томи Стефановски пред две години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес