Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во интервју за Би-Би-Си на српски јазик, изјави дека неговата партија ДУИ им предложила на владините коалициски партнери да направат заедничка кампања за прифаќање на Договорот пред есенскиот референдум.
„Тоа би било првпат Македонците и Албанците да прават заедничка кампања. Секогаш се делиме на избори, а ова би можело да биде добра порака за меѓуетничките односи – заеднички да ја градиме државата и да одиме во НАТО“, вели Османи.
За очекувањата на Македонија, по постигнатиот Договор со Грција, конечно да добие датум за почеток на преговорите, Османи вели дека ако нема позитивна одлука од ЕУ за отворање на преговорите тоа би создало негативна клима во земјата дека се прават жртви без награда.
„Тоа може да се одрази на референдумот, а ако референдумот пропадне ќе пропадне и Договорот. Ако пропадне Договорот пропаѓаат и идеите за членство во ЕУ и НАТО“, нагласува Османи и додава дека тоа би се одразило негативно и врз целиот регион, а посебно на преговорите меѓу Белград и Приштина.
Вицепремиерката Радмила Шеќеринска рече дека очекува позитивни одлуки од ЕУ и од НАТО кои ќе бидат дополнителен мотив за да се спроведат реформите.
„Она што ќе се случува наредниве недели, ќе има широки и долгорочни последици, позитивни очекуваме, по безбедноста и политичката клима во Република Македонија. Добивањето на датум за почеток на преговорите со ЕУ, добивањето покана за членство во НАТО, ќе бидат само мотив плус да продолжиме со засилените реформски приоритети“ рече Шеќеринска.
Референдумот ќе се одржи најверојатно на крајот на септември. Претходно се очекува партиите да се усогласат околу новиот состав на ДИК, кој ќе треба да го спроведе референдумот и да биде избран од пратениците. Последните информации се дека партиските групи сеуште немаат постигнато согласност за членовите на Државната изборна комисија – тројца членови треба да се опозицијата, а четворица од власта. Претседателот на ДИК, ќе биде на предлог од ВМРО ДПМНЕ, а албанската опозиција во ДИК ќе ја претставува заеднички кандидат на Алијансата на Албанците и БЕСА на Билал Касами.
Доколку партиите се договорат референдумот да се одржи на крајот на септември, тогаш кон крајот на јули треба да се донесе одлуката за распишување на референдумот во Собранието. Според Законот за референдум ,,Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во “Службен весник на Република Македонија” до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена.
Извор:НоваТВ












