Исклучително е мал интересот за вакцинирање кај граѓаните на Кичево и во втората декада од месецов. Во последните десет дена во Здравствениот дом во Кичево се вакцинирале само 165 граѓани, што е далеку од бројката на вакцинирани во месец август, кога дневната бројка беше повисока споредено со претходната декада.
„Последните два месеци интересот за вакцинација е многу слаб и е далеку од периодот јули-август, кога се забележани исклучително високи бројки на вакцинирани граѓани. Како потврда за слабиот одѕив во Кичево нека послужат и следните бројки. Од 10 до 21 октомври, со прва вакцина се вакцинирале 165 граѓани од кои 156 се вакцинирале со „Фајзер“, пет лица со „Синовак“ и четири со „Астра Зенека“. Како резултат на претходно примената прва доза, нешто повисоки се бројките на ревакцинирани. Во истиот период 53 лица ја примиле вакцината на „Астра Зенка“,103 на „Синовак“ и најмногу 274 на „Фајзер“ или во овој период се ревакцинирале 430 граѓани“, вели Мира Мојсоска, одговорна сестра во Здравствениот дом Кичево.
Интересот за трета вакцина, како што посочи, е просечен и од почетокот на вакцинација трета доза досега во Здравствениот дом примиле 139 граѓани од кои најголем број се здравствени работници
Мојсоска потврди дека како резултат на намалениот интерес за вакцинација има мал пораст на вкупниот број вакцинирани граѓани.
„Бидејќи интересот за вакцинација во изминатите два месеци во нашата општина е мал, тоа резултира со незначителен пораст на вкупниот број на вакцинирани со прва, втора и трета доза. Од почетокот на вакцинацијата до 21 октомври во Здравствениот дом Кичево прва доза примиле 15 841 граѓани, се ревакцинирале 13 023 лица, додека трета доза примиле 139 граѓани“, додаде Мојсоска.
Ако се има предвид дека дел од жителите од оваа општина се вакцинирале во Скопје и Охрид, тогаш вкупниот број вакцинирани граѓани е над 19 000.
Tv 21





