Од обвинети за криминал до обесштетување од државата

by Administrator

Обвинетите чиј кривичен прогон ќе запре поради измените на Кривичниот законик, ќе може да бараат отштета за времето поминато во притвор, а парите ќе ги добијат од државниот буџет. Искуството покажува дека за отштета се исплаќале суми од 50, па до речиси 100 евра за ден поминат во притвор.

Од 2017 година до сега, Врховниот суд донел 39 одлуки да им исплати оштета на граѓани за лежење во затвор. Од нив, во 31 биле поради неосновано лишување од слобода – притвор, а осум поради неоснована осуда.

Станува збор само за случаи во кои Врховен правел ревизија на одлуки на пониските судови, откако поради незадоволство на странките биле поднесени барања за вонреден правен лек.

Оттука бројот на случаи во кои од државната каса се одлеале пари по овие основи е поголем ако се има предвид дека во оваа евиденција не влегуваат предметите што не завршиле пред највисоката судската инстанца.

Овие статистики наредниот период може да одат во нагорна линија „благодарение“ на измените на Кривичниот законик кои донесоа намалување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, а со тоа и порано застарување на делата.

Колку лица би ја тужеле државата поради лежење во притвор би било познато откако официјално ќе се констатира застареност и ќе се прекине кривичниот прогон, а ќе зависи и од тоа дали конретното лице ќе се реши на таков чекор. Она што е познато, според анализите на Коалицијата „Сите за правично судење“, е дека во најмалку 14 случаи отворени само од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде се опфатени 80 обвинети, би настапила застареност.

Пратеници на пленарна седница на Собранието

ВИДЕТЕ И ОВА:

Законски измени под превез на ЕУ за спас од затвор

За тоа колкави суми од народната каса би се одлеале за оштети, ќе одлучуваат судовите индивидуално за секоја евентуална тужба против државата. Искуствата досега покажуваат дека тие што побарале отштета добиле од 50 па до речиси 100 евра за ден поминат зад решетки.

Најсвеж пример, познат за јавноста, е пресудата што ја доби Зоран Верушевски за предметот „Пуч“, каде беше еден од обвинетите, а СЈО реши да го повлече обвинението. За 344 дена поминати во притвор, со одлука на Врховен од мај годинава, тој доби 1. 720.000 денари (околу 28 000 евра) оштета или околу 5.000 денари за ден (81 евро). Дополнително доби и 227. 642 денари (околу 3.700 евра) надоместок за трошоци или вкупно околу 31.500 евра. Тука е и предметот познат како „Сопот“ за поставување мини при што загинаа војници на НАТО, кој по повлекувањето на обвинението однесе над милион евра оштета. Шест обвинети добија по 5.500 денари (околу 90 евра) за ден поминат во притвор.

Едно од пообемните истражувања во кое се анализираше периодот од 2011 до 2015 година, под наслов „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“, пак, покажа дека судовите најчесто досудуваат од 40 до 50 евра оштета за ден поминат во притвор.

Врховен донел мислење дека за застареност на дело следува отштета

На оние што во иднина ќе бараат отштета бидејќи лежеле во притвор, а сега им застареле делата во прилог би им одело и правното мислење кое пред повеќе од половина година го донел Врховниот суд.

„Лице кое било во притвор или издржување на казна затвор лишување од слобода, доколку постапката е запрена со правосилно решение поради апсолутна застареност на кривично гонење, има право на надомест на штета, освен ако со свои недозволени постапки причинило лишување од слобода“, гласи дел од правното мислење што го донел Врховен.

Во истиот документ е наведено и оти вакво право имаат и лицата кои се правосилно осудени, но по вонреден правен лек, обвинението за нив било одбиено.

Врховниот суд го донел мислење на седница одржана на 21 март годинава. Судиите заседавале откако уште во јуни лани четирите апелациски судови во државата доставиле заклучок со кој побарале изедначување на судската практика за овие правни прашања.

Повеќе на РСЕ

 

You may also like