НА ПЕТАРОТ
Постепено ги качувам скалите кон петарот, оние истите кои отсекогаш ги качував кога сакав да стигнам до најтаинственото и скришно место во мојата куќа. Таму бев секогаш кога сакав да бидам сам и осамен во своите мисли, својата радост или тага која требеше да остане скриена од другите.
Таинственоста а во исто време исполнетоста на петарот ја чинат бројните старински предмети, книги и документи кои сведочат за генерациите пред мене. Тука секоја генерација оставала по нешто ,,ислужено,, од генерацијата пред неа, но и по нешто од своето време како спомен за генерацијата што надоаѓа.
Затоа, на тоа посебно место во исто време се чуствувам како патник низ времето, историчар низ сведоштвата и документите, археолог низ предметите и истражувач на семејното стебло, неговите гранки и корени.
Новој пат не сум тука за да откријам нешто ново, зошто на секој предмет му го знам местото, ниту сум тука да бидам сам и осамен, ниту да ја споделам тагата. Всушност за прв пат и незнам и зошто сум тука. Сеедно, чекорам на петарот како да ги пребројувам работите дали е се на своето место. Тука е сервисот со тањири од свадбата на мајками и таткоми, десно се наоѓа дрвената голема кутија со невестински елементи од народната носија на бабами, лево во ќошот се рачните алати за обработка на дрво од прадедоми …
Наеднаш погледот застанува кон двата куфери исправено поставени во средината на петарот како да чекаат некој да ги крене и со нив повторно да замине. Се сечавам, ги знам, таму се од секогаш – два старински куфери од прапрадедоми за на печалба во туѓина. Дедоми велеше: да не се креваат, зошто кога и се празни се многу тешки, а трајни се зошто кожата од која се изработени се самоодржувала од солзите, потта и крвта на оние кои ги носеле.
Но зошто сега погледот ми се вкочанува кон нив, зошто сега треперам кога пред нив бев досега равнодушен. Зошто сега никнува нешто во мене како да било нешто генетски скриено. Ми доаѓа да ги фатам и кренам со рацете но во исто време чуствувам и страв од нив. Се прашувам дали е тоа желба, потреба или некој скриен генетски порив.
Си велам –тоа не може да биде желба зошто мојата омилена песна е онаа на поетот Алекса Шантиќ со наслов ,, остајте овде – сунце вас тужег неба не ќе вас гријат ко што овде грије… Но во исто време во мене озвучуваат стиховите од една песна на таткоми –
На овој брег што денес се ронат карпи и купишта замја, дедоми таму прав пат ме прати таму.
На овој брег што сега свратила олуја црна, колиба имав од кал и од слама.
Во таа колиба мала развеав младост, раширив крила, а кога таа одлета в долој станав ко птица, што лета, лета в далек крај.
А денес а утре каде ќе стаса. Кое ли море? Која ли земја? Каде, каде ќе оди? Кај ли ќе ја сака …е
Се двоумам околу генетскиот порив и како познавач и љубител на генетиката си велам можно ли е да постои ген за печалба. Низ стиснати заби со тага и болка се прашувам – е мој народе каде би биле ние кога овој печалбарски ген би го замениле со државотворен ген.
Дали е потреба – да, знам дека е.
Да се избега од македонското лудило каде последните станаа први, а последни стана правдата, вистината и вредноста.
Чуствувам се судираат титани во мојата душа. Од една страна потребата да се обезбеди правда и сопствена вредност како и егзистенција за мојата наредна генерација. Од друга страна како да го напуштам патарот, како да ги уништам моите корени, како да ја оставам сама генерацијата која не создала.
Пополека победувајќи го стравот во име на вистината и одговор на прашањата ги кревам за рачките и притоа ги отворам.
Во првиот куфер што го отворам нема ништо посебно освем една книга со наслов ,,комунистички манифест,, Се прашувам што бара една таква книга во куферот? Зошто моите родители тука ја оставиле? Можеби со тоа сакале да ми укажат дека нивното останување тука и нефаќањето на куферите се должи токму на ова книга.
Разлистувајќи ја од радозналост колку да се потсетам на времето кога учев за марксизмот и опшеството, одненадеж од страниците ми испаѓаат документи во кои можам да видам дека благодарение на нивниот вреднован чесен труд и скромни учителски плати се оставило нешто на наредната генерација за што јас денес можам само да сонувам. Мислам дека доволно сум запомнал на тие часови за да прашам – Кој го краде нашиот труд? Кој ја погазува и уништува нашата вредност па колкава и да е таа? Како е можно да неможиме ништо да да создадеме со чесна работа и знаење?
Го отворам и вториот куфер, но тој е потполно празен и како да ми вели јас со нешто да го наполнам, да оставем и јас нешто за наредна генерација. Но со што? – Со книги? Со знаење? Со чесна работа? Колку и да ги полнам со тоа, во ова опшество и држава тие немаат никава вредност.
За некого нема вредност ни овој петар но за мене тој е музеј на вистината, одговор за минатото и насока кон иднината. Се дури можам ќе го чувам и раскажувам за него зошто несакам ниту една генерација после мене да биде криво насочувана, да размислува со испрани мозоци, со сомнителна историја, да живее во виртуела сегашност и несигурна иднина.
Мислата наеднаш ми бега кон некои нови скапи музеи кои сведочат за некоја си историја и жртви, си велам – Ој македонијо ќе се претвориш ли самата во музеј и ќе можиш ли да изградиш толку музеи да ги сместиш жртвите на оваа 24 годишна транзиција и нашиот егзодус.
Затемнува во петарот, приквечерина е …затемнува и во моите мисли. Неможам ништо да одлучам, ниту тоа треба да го направам сега.
За мојата одлука ќе морам да ги прашам и моите планини, од нив ја црпам мојата сила, тие ме учат како да сакам, простувам и се надевам. Седнат ќе бидам таму, до мојот избор, во непроспиена ноќ, во потонат сон од мисли ќе го чекам раѓањето на соцето, на првите утрински зраци кои досега ми го топлеа моето родолубие. Ќе го гледам прекрасниот цвет како се капе и сјаје во утринска роса која ги облила пупките, чиниш со свое го храни својот живот и мојата надеж за нашиот живот.
Автор: Др. Оливер Бојчески








