За четири години треба да се комплетира железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија, соопшти бугарското министерство за транспорт по состанокот меѓу вршителот на должноста министер за транспорт и врски Корман Исмаилов и македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска.

Откако договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел беше ратификуван во парламентите на двете земји, сега се очекува формирање на Заеднички комитет, кој ќе ја координира подготовката, изградбата и идното работење на објектот.

Од бугарска страна забрзано се работи на модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево. Од таа страна недостасува изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до македонската граница.

Од македонска страна, пак, пуштена е во употреба првата од трите делници до бугарската граница, на втората делница завршени се 30 проценти од работите, додека за третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, се подготвува проектната документација.

dw.de