Управата за јавни приходи до сега наплатила речиси еден милион евра даноци од лицата кои што остварувале приходи во странство пред пет години, а кои според евиденцијата на УЈП не ги пријавиле во своите даночни пријави. Ова денес на прес-конференција во Владата го посочи директорката на УЈП, Елена Петрова, која рече дека акцијата за утврдување на даночните обврски трае и понатаму, како и дека не станува збор за ретроактивна обврска туку дека ваквата законска одредба во Законот за личен доход постоела и претходно во Законот за персонален данок од доход.

Одговарајќи на прашања на новинарите Петрова рече дека УЈП досега има упатено околу 10 илјади покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство. По тие покани околу 1.200 лица имаат доброволно поднесени пресметки по кој што е утврден данокот за овој доход, а околу 1.300 лица се задолжени со даночни решенија, односно околу половина од лицата кои што се веќе задолжени, тоа го направиле доброволно.

„Процесот на оданочување сѐ уште е во тек, Овие 2,5 илјади лица што сега се оданочени, било со доброволно поднесување на пресметка или со даночно решение, за нив пресметаниот данок изнесува речиси еден милион евра. Но, процесот уште трае бидејќи овие 2,5 илјади лица се една четвртина од тие што до сега сме ги повикале за да го пријават и оданочат својот доход, а ќе имаме уште лица кои ќе треба да бидат повикани за да ја исполнат даночната обврска и да го платат данокот што го должат до сега, но и за да може понатаму редовно да се вклучат во даночниот систем и редовно и точно да го плаќаат тој данок“, нагласи Петрова.

 

Од овие податоци кои ги кажа првиот даночник во државата, излефгува дека во просек УЈП наплатила по 400 евра од секое побарување (кога еден милион ќе се подели со 2.500 се добива 400), што воопшто не е мал износ.

Инаку, Петрова рече дека сака јасно и недвосмислено да укаже дека воопшто не се работи за ретроактивно оданочување и не станува збор за нова законска одредба која се применува ретроактивно.

„Станува збор за законска одредба која постоела од секогаш, откако е донесен Законот за данокот на личен доход, а претходно била регулирана и со Законот за персонален данок на доход“, рече Петрова.

Според неа, станува збор за универзален принцип што се применува во секоја даночна јурисдикција, според кој сите даночни резиденти во една држава во својата држава треба да го пријават и оданочат целокупниот свој светски доход, без оглед во која земја е остварен.

„Така е и во нашата регулатива, дека македонските даночни резиденти овде треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во земјата и во странство“, рече таа.

Петрова исто така посочи дека во однос на платениот данок во странство, нашиот Закон за данок на личен доход и меѓународните договори кои што се склучени со одредени земји, заштитуваат да не дојде до двојно оданочување, односно данокот за еден ист доход да се плати двојно во двете земји.

Македонија има склучено договори за одбегнување на двојно оданочување со педесетина држави, но и во ваков случај пред нашите даночници треба да се приложи доказ дека данокот е платен во земјата каде што е остварен ваквиот доход. Од друга страна, можноста доходот да се оданочи двојно сепак постои, доколку е остварен во некоја од земјите со кои Македонија нема ваков договор, а такви се многу повеќе, иако според списокот кој што може да се најде и на интернет страницата на УЈП, со вакви договори се опфатени земји кои се традиционални одредишта за македонските граѓани, било за иселување или за сезонска работа.

„Постојат институтите даночен кредит, односно прифаќање на данокот платен во сгранство или враќање на данокот платен во странство и слично, врз основа на кој што во определна даночна постапка со приложени докази може да се утврди дали и колку данок треба да се доплати во Македонија. Но, законите и меѓународните договори исто така спречуваат да не дојде ниту до двојно ослободување, односно данокот да не биде платен ниту во една земја“, рече Петрова.

Таа вели дека ова прашање не треба да се гледа само од аспект на даночна усогласеност и правично оданочување со сите граѓани кои што ги пријавиле и го оданопчиле својот доход од странство, туку ова прашање треба да се гледа во еден поширок аспект.

„Имено, овие лица кои остваруваат доход во странство, а до сега не го пријавиле, нашиот систем не ги препознава како граѓани и резиденти кои оствариле доход. Со целата оваа наша активност и мерки ние треба да спречиме таков неоданочен доход да се користи за лична потрошувачка, за стекнување личен имот од неоданочени приходи, а воедно овие лица и членови на нивните семејства, бидејќи се непрепознаени како лица кои остваруваат доход, може да се најдат во попривилегирана положба во однос на останатите граѓани при остварување на социјални права, вклучително и здравствено осигурување, во однос на другите граѓани кои што го пријавуваат и оданочуваат својот доход“, рече Петрова.

Таа додаде дека средствата од Буџетот се наменети за заедничките потреби на сите граѓани и затоа и секој граѓанин треба да учествува во собирањето на тие средства со плаќањето на даноците и другите јавни давачки согласно законот.

Петрова посочи дека УЈП постапила целосно транспарентно , обезбедувајќи информирање како треба да се исполнува даночната обврска, водич за исполнување на даночните обврски, а  упатиле и персонализирани лични покани до сите лица кои што според евиденцијата на УЈП остваруваат доход, при што е овозможена уредна вклученост во даночната постапка, со свои докази да докажат дали евентуално не биле даночни резиденти на Македонија, дали платиле данок во другата земја за точно да са утврди фактичката состојба и даночната обврска.

„Секој граѓанин даночен обврзник, што смета дека е неосновано задолжен има правни механизми и правна поука преку која може да го утужи даночното решение“, рече Петрова. (М.Ј.)

Заклучно со 30 ноември годинава во државниот буџет од даноци и придонеси собрани 3,97 милијарди евра