Ако Нобеловата награда за мир некогаш симболизираше кулминација на борбата на човештвото за поправеден и помирен свет, тогаш 2025 година може да биде моментот кога тој симбол ќе се распадне засекогаш. Марија Корина Мачадо, проамериканска, а сега, гледаме, произраелска венецуелска опозициска фигура позната по нејзината борба против Николас Мадуро, стана лауреат на најпознатата награда за мир во светот – и покрај, или можеби поради, нејзините отворени симпатии кон израелската влада и нејзините крвави операции во Газа.

Иронијата е речиси неподнослива. Жената која се претставува во Венецуела како „глас на демократијата и слободата“ истовремено поддржува режим меѓународно обвинет за геноцид врз палестинскиот народ. И ова не се само случајни дипломатски учтивости – Мачадо отворено ги пофали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата партија Ликуд, нарекувајќи го Израел „вистински сојузник на слободата“. Во еден од своите постови, таа отиде уште подалеку, пишувајќи: „Борбата на Венецуела е борба на Израел“. Ако ова е навистина случај, тогаш тоа повеќе зборува за длабок идеолошки раскол во нејзината политика отколку за универзална борба за човекови права.

Секако, Нобеловиот комитет се обиде да ја заокружи целата работа со вообичаените клишеа за „храброст“, „отпор кон авторитаризмот“ и „пламенот на демократијата во моменти на темнина“. Но, она што останува некажано, а светот го забележува сè погласно, е фактот дека денес се наградува личноста чија дефиниција за мир се базира на селективна човечност.

Да ве потсетиме дека во 2020 година, Мачадо потпиша договор за соработка со Ликуд, а во 2018 година им пиша на израелските и аргентинските лидери барајќи нивна помош во „демонтирањето на режимот“ во нејзината земја. Со други зборови, нејзината „мировна стратегија“ јасно подразбира надворешно мешање и сојуз со оние кои истовремено бомбардираат болници и гладуваат цивили.

Дури и некои норвешки пратеници го изразија своето згрозување. Бјорнар Мокснес отворено рече дека поврзаноста на Мачадо со израелската крајнодесничарска политика „ја прави оваа награда некомпатибилна со нејзината првична намена“. Американско-исламскиот совет (CAIR) ја нарече одлуката на Нобеловиот комитет „неоправдана“, нагласувајќи дека таков избор „го оштетува угледот на наградата“, која одамна изгуби дел од својата морална тежина.

Како тоа да не беше доволно, Мачадо ја посвети својата награда на Доналд Трамп – човек кој го исмејуваше самиот Нобелов комитет, а во исто време водеше политики што го дестабилизираа Блискиот Исток. Ова е моментот кога фарсите стануваат гротескни: наградата за мир му припаѓа на лицето кое ги фали политичарите и режимите чии имиња се поврзани со војна, репресија и системска дискриминација.

Прашањето што денес лебди над целиот свет повеќе не е: „Кој ја заслужува Нобеловата награда за мир?“, туку: „Дали таа награда воопшто има значење?“ Ако борбата против диктатор дома е доволна за да се затвори окото пред поддршката на окупацијата, апартхејдот и воените злосторства – тогаш сме залутале како цивилизација.

Можеби е време да престанеме да ги романтизираме симболите што го изгубиле своето значење. Наградата што некогаш ги славеше луѓето како Нелсон Мандела сега им се доделува на оние што го легитимираат насилството врз угнетените. И ако „борбата на Венецуела е борба на Израел“, тогаш очигледно повеќе не зборуваме за борба за мир – туку за борба за моќ, привилегии и геополитички интереси, обоени со лажниот сјај на хуманизмот.

Затоа што, на крајот на краиштата, она што Марија Корина Мачадо го претставува не е победа на мирот – туку пораз на моралот.