Неколку центри за згрижување во цела држава не се доволни да им помогнат наоколу 300 деца принудени на питачење, предупредуваат граѓанските организации. Во лето од Скопје децата „ги селат“ за питачење во туристичките центри. Во Шуто Оризари Дневен центар оставен без финансии заради технички проблем, па вработените со донации ги спасуваат децата.
Бебиња се успиваат со лепак и седативи, деца од тригодишна возраст питачат пари од граѓаните, додека малолетни девојчиња остануваат бремени. Ова е судбината на стотици деца на кои улицата им станува дом, а питачењето начин на живот.
Во Северна Македонија нема сеопфатни и точни податоци за тоа колку деца се на улица. И покрај разидувањето во податоците со кои располагаат институциите и граѓанскиот сектор, искуството покажува дека секое лето нивниот број расте, особено во туристичките центри низ државата.
„Децата се транспортираат со повеќе автомобили и комбиња. Најчесто оние од Кавадарци, Прилеп и Битола ги носат кон Охрид, а од Гостивар и Кичево се носат во Струга. Понатаму, децата питачи од Струмица се носат во Дојран, а тие од Тетово, Гостивар, Велес, Штип и Куманово во главниот град“, вели претседателот на здружението Градиме иднина, Илија Јовановиќ.
Напуштени куќи наместо топол дом
Според него, овие деца живеат во напуштени куќи или стари бараки.
„За жал, нивните родители се соучесници во нивната злоупотреба“, вели Јовановиќ за Радио Слободна Европа.
Неговото здружение дошло до податок дека само на скопските улици питачат од 200 до 350 деца. Сепак, бројката со која располага Министерството за социјална политика, демографија и млади е значително помала.
Во писмен одговор до Радио Слободна Европа, оттаму наведуваат дека на ниво на држава има 166 деца кои питачат.