Струен удар здрма илјадници семејства поради натпросечно високите сметки за струја дури и за 300 насто. Приговори има до ЕВН, Регулаторна комисија и Народниот правобранител, но, корекции на сметките се ретки. ЕВН велат дека 85% од броилата ги читаат секој месец, освен во непристапните терени.

33-годишниот Павле живее под кирија во скопската населба Кисела вода. Неговите стандардни трошоци за месечниот закуп изнесуваат 12.000 денари и сметки за струја, вода и комуналии кои се движат до 5.000 денари. Но, сѐ до изминатиот месец.

Иако до јануари плаќал до 3.000 денари за потрошена електрична енергија, февруарската сметка во сандачето пристигнала со четири пати повисока сума.

„Неколку пати погледнав во цифрата од 12.300 денари и не можев да поверувам. Сметката за електрична енергија е буквално иста со мојата месечна кирија. Ако на тоа се додадат и другите тековни трошоци за месецов, платата нема да успее да ги покрие. Ова е нереално“, вели тој.

Павле е еден од илјадниците граѓани кои во изминатите два месеца се револтирани од натпросечно високите сметки за електрична енергија.

Обиколката на РСЕ регистрираше колона на повозрасни граѓани кои со сметките во раце чекаа ред пред наплатниот пункт на ЕВН во градскиот трговски центар.

Повеќе на РСЕ