Речиси 83.000 работници во Северна Македонија сè уште ја чекаат јануарската плата, што е три и пол пати повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП). Иако законскиот рок за подмирување на платата е одамна изминат, тие и на почетокот на март сè уште живеат во неизвесност кога ќе ги добијат приходите неопходни за подмирување на основните животни трошоци.

Според законските обврски, рокот за исплата на јануарските плати е 14 февруари, а до овој датум платите требало да ги исплатат над 70.000 фирми за вкупно 551.264 вработени. Во истиот период минатата година, јануарската плата не ја добиле околу 25.000 работници. За споредба, во декември плата немаа земено речиси 82 илјади вработени, додека во ноември податоците посочуваа дека речиси 70 илјади работници останале без редовни приходи.

Во земјата има 70.000 фирми со вкупно 551.264 вработени. На компаниите коишто не го испочитувале рокот веќе им се испратени опомени. Доколку не ја исплатат платата во наредниот период, ќе следи присилна наплата.

Повеќе на: dw.de