Турција повеќе не очекува ништо од Европската унија, на чија врата чека 40 години, изјави во неделата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ги исполнивме сите ветувања што и ги дадовме на Европската унија, а тие речиси ниту едно“, рече Ердоган на инаугуративната седница на турскиот парламент, додавајќи дека „нема да толерира нови барања или услови во процесот на пристапување“.
„Доколку не отстапат во врска со некои неправди како што е воведувањето на визите, кои ги користат како латентни санкции, ако не ги поправат своите грешки…. од наша страна целосно ќе го изгубат правото да изразуваат политички, социјални, економски и воени очекувања“, предупреди тој. „Доколку Европската унија има намера да го прекине пристапниот процес кој постои само на хартија, тоа ќе биде нивна одлука“, додаде тој.
Турскиот претседател е лут, меѓу другото, и поради новата пресуда на Европскиот суд за човекови права оваа недела против Турција. Судот му замери дека осудил човек за припадност на терористичка организација само врз основа на неговата употреба на апликацијата ByLock за испраќање шифрирани пораки. БајЛок Анкара го смета како алатка за комуникација на водачите на неуспешниот пуч во 2016 година, во кој загинаа 250 луѓе и беше проследен со масовни апсења и чистки без преседан во модерната историја на Турција. Турската влада го препиша државниот удар на организацијата Фето на проповедникот Фетула Ѓулен, кој некогаш беше сојузник на Ердоган.
„Одлуката на Европскиот суд за човекови права е последната капка“, рече Ердоган. „Членовите на терористичката организација и нивните поддржувачи кои се охрабрени од оваа одлука не треба напразно да се надеваат. Таа одлука нема да донесе никакво олеснување за криминалните членови на Фет. Турција нема да се откаже во борбата против таа банда предавници. Нема да дозволи никакво враќање во минатото“, заклучи тој.
(ТБТ)










