Oпозицијата ги осудува предложените измени на Кривичниот законик, во кои гледа обид на Владата да ги заштити своите функционери од потенцијално кривично гонење, во услови на зголемени критики за корупција. Професор Мирјана Најчевска во носењето на измените гледа можен договор на власта и опозицијата и купување на гласови за уставните измени.

Пратениците на опозицијата се против предложените измени на Кривичниот законик во Собранието, за кои велат дека власта прави уште една злоупотреба при носењето закони со европско знаменце по скратена постапка, со цел да спаси свои функционери од кривично гонење.

Реакциите доаѓаат откако Владата предложи измени на Кривичниот законик, со кои се предвидува за неколку години да се намалат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и овластувања на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.

Овој проект покажува дека власта се спрема за опозиција, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Тој за Радио Слободна Европа вели дека овој потег на власта е погрешен, особено дека доаѓа во време кога земјава е под силни критики за корупција и деградирање на владеењето на правото од страна на домашните и меѓународните организации.

„Во таква ситуација на критики од холандскиот амбасадор, американската администрација и други меѓународни и домашни организации, кога имаме објавување на црни листи на одредени политичари и функционери заради девалвирање на владеењето на правото, погрешно е дополнително да го деградирате преку вакви измени коишто значат амнестирање во иднина на секој функционер за кој има индиции дека направил одредена злоупотреба“, вели Милошоски.

Повеќе на РСЕ