Просечната инфлација во Еврозоната е 5,3 проценти, што е најниско ниво од почетокот на 2022 година кога го достигна пикот од над 9 отсто. Во Северна Македонија инфлацијата и натаму е двојно повисока и изнесува скоро 10 проценти. Проценките на економски експерти се дека високата инфлација во земјава ќе трае ушто долго, главно поради политиките на увоз на храна.

Намалените стапки на инфлацијата во Еврозоната главно се должат на падот на цените на енергијата, според европската агенција за статистика Евростат. Но, и покрај тоа, извештаите покажуваат дека граѓаните низ Европа се уште се борат со високите цени, особено на прехранбените продукти и облеката. Во јуни стапката на инфлација во 20-те земји на Еврозоната изнесуваше 5,5 отсто, кога исто така имаше намалување споредено со мај истата година кога беше 6,1 отсто.

Во, Северна Македонија, пак, и натаму има двоцифрена инфлација која изнесува околу 10 проценти, според новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Агенциите за статистика секој месец објавуваат поодатоци за индексите на трошоците на животот и на цените на мало. Највисока инфлација во земјава беше забележана во ноември 2022 година од 19,5 отсто, што ја стави земјава на врвот на Европа.

Но, според економски експерти со кои разговараше Радио Слободна Европа проблем е што ситуацијата на високи цени во земјава ќе трае уште долго, и покрај трендот на намалување, како што покажуваат извештаите на Народната банка.

Дел од нив сметаат дека ќе биде така, бидејќи проблемот е историски, главно, како што велат, поради погрешната економска политика која земјата ја прави зависна од увоз, пред се на прехранбените производи.

„Го уништивме домашното производство, ако на тоа се додаде и криминалната политика на субвенции на земјоделието, ви кажува дека вие увезувате и храна и високи каматни стапки на инфлацијата. Владата нормално дека е одговорна затоа што не одговара правилно на овие работи. Пред се, не го држи јавниот долг во нормално ниво, а една од овие реперкусии на инфлацијата е токму тоа. Ние уште гледаме дека Владата троши недомаќински, а квалитетот на трошењето е многу лошо“, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Повеќе на:РСЕ