Како што се приближува рокот за парламентарните избори, дискусијата за промената на Изборниот законик се вжештува. Додека помалите партии се залагаат за голема реформa со која би ја прекинале доминацијата на големите, правните експерти остануваат скептични околу шансите за нов изборен модел.

Ќе биде ли променет политичкиот пејзаж со реформа на изборното законодавство или една изборна единица е уште едно празно ветување?

На една години до рокот за парламентарни избори, партиите разговараат за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но исто така на маса е промената на изборниот модел кој треба да значи запирање на доминацијата на големите партии.

Дебатата е фокусирана на изборните единици, изборниот праг, изборната формула, избирачкиот список и бројот на пратеници. Но помалите парламентарни партии бараат крупна реформа со донесување на нов Изборен законик што ќе значи промена на изборниот модел.

Сепак, правните експерти се скептични дека големите партии се подготвени да прифатат ваков чекор. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, фокусот ќе биде на решенијата во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Тој додава дека во услови на ниска политичка култура, нестабилни влади и чести предвремени избори, нов модел кој ќе донесе поголема раслоеност во Парламентот, дополнително ќе резултира со понестабилна политичка клима.

„Препораките на ОБСЕ/ОДИХР секако се важни и требаше уште во претходниот циклус целосно да бидат усвоени, но не се. Тука акцентот исто така треба да се стави на што поголемо овозможувачка законска рамка за граѓански независни иницијативи коишто би можеле да се понудат на претстојните избори. Додека сегашниот изборниот модел, според нашето последно истражување, е меѓу најпропорционалните во Европа“, вели Трошановски.

Повеќе на РСЕ