Македонските граѓани ја живеат една од најтоплите зими. од проблеми со вода за пиење, намален принос на земјоделските култури, па се до зачестени невремиња – ова се дел од последиците кои се очекуваат од ваквото време.

Топлата зима ги израдува граѓаните, но ги загрижи земјоделците и научниците. Македонија ја живее една од најтоплите зими во последните седумдесетина година, откако започнаа редовните мерења на температурите. Или како што забележува професорот Ивица Милевски, од Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, многу веројатно е да биде и „рекордно најтопла зима“, со оглед на тоа што календарски и остануваат уште десетина дена, во кои нема најави за посериозен студен бран во Македонија.

Па така, кокичињата расцветаа уште во декември, а штрковите среде февруари почнаа да се враќаат од југ, дури и во ладниот крушевски регион. За тоа сведочи Тони Богески, земјоделец од крушевското село Врбоец кое годинава не виде снег.

„Сите се чудат, првпат се случува ова нешто. Многу е рано, многу, многу рано. Поднебјето си е, традиционално, треба снег да падне, да фати барем дваесетина дена студ. Студот е како една дезинфекција, и на воздух, и на вода и на се“, вели Богески.

Се согласува дека во ек на економска и енергетска криза се заштеди на греење, но на подолг рок е загрижен – што ќе следи пролетва и летото. Работи тутун и има повеќе декари лешници кои поради топлото време веќе се „разбудени“.

Повеќе на РСЕ