Додека продолжуваат тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг поради соборувањето на авионот за кој американските власти велат дека е кинески шпионски балон, Колумбија објави дека забележала сличен објект во нејзиниот воздушен простор, пренесува АП.

Завчера, националниот систем за противвоздушна одбрана на Колумбија откри објект на надморска височина од околу 17.000 метри што влегол во воздушниот простор на земјата во северниот сектор, соопшти синоќа колумбиското воздухопловство.

Објектот се движел со просечна брзина од околу 46 километри на час, покажувајќи „слични карактеристики на балонот“. Колумбиските воздухопловни сили го следеа објектот со својот одбранбен систем додека не го напуштил нивниот воздушен простор. Тоа не претставува „закана за националната безбедност, одбраната или воздушната безбедност“, соопштија од воздухопловните сили, додавајќи дека сега соработуваат со други земји за да го откријат потеклото на објектот. Во саботата, американската војска собори летало за кој тврдат дека бил кинески шпионски балон во близина на брегот на Јужна Каролина. Пекинг тврди дека се работи за цивилно истражување и метеоролошки балон кој излетал од курсот. Во петокот, портпаролот на американското Министерство за одбрана, Пар Рајдер, изјави дека е забележан втор балон над Латинска Америка, но не даде други детали.