Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но дали ќе ја забрза и реализацијата на двата клучни енергетски проекта кои треба да бидат алтернатива за снабдување со гас на државата? Руските закани за можно затворање на главниот гасовод кон Европа ги зголемија стравувањата околу стабилноста со снабдување и во С. Македонија.

Потегот на САД и Велика Британија кои во целост, односно делумно забранија увоз на руска нафта и руски енергенси ги зголеми тензиите и стравувањата од несакани сценарија. Надлежните во Северна Македонија велат дека ја следат состојбата и засега не гледаат причина за посебна загриженост:

„Во моментов нема проблем со испораките на гас. Но како ќе биде во наредниот период е комплексно прашање и зависи од многу фактори, пред се од кризата во Украина. Но секако дека ние сме многу мали потрошувачи на природен гас, во спредба со другиот дел од Европа“, изјави за Дојче веле, Бајрам Реџепи, директор на НЕР-Национални енергетски ресурси.

Какви долгорочни решенија ќе изнајде македонската влада за енергетската кризаКакви долгорочни решенија ќе изнајде македонската влада за енергетската криза

Алтернатива на хартија 

Македонскиот пазар е можеби мал, но конкретно за гасот нема алтернатива освен снабдувањето од рускиот енергенс преку Бугарија и Турција. Проблеми засега нема, но тие многу лесно можат да станат реалност доколку состојбата дополнително ескалира. Добрата вест во кризата е што Германија не го следи потегот на Вашингтон и Лондон, но тоа не гарантира ништо поконкретно.

Повеќе: Југоисточна Европа и зависноста од рускиот гас: нови гасоводи не се решение

Сепак, она што загрижува е што С. Македонија нема речиси никаква алтернатива за снабдувањето со гас. Односно има, ама таа е се уште само на хартија. Двата проекта со соседна Грција, интерконекторот и гасниот терминал во Александрополис не се ниту започнати, а се заговараат веќе неколку години како клучна алтернатива за снабдување и стабилноста на пазарот. Од двата, посебно важен за нас е гасоводот кој треба да обезбеди алтернатива и сигурност во снабдувањето. Овој проект според најавите ќе чини околу 29 милиони евра, а финансирањето за него е веќе обезбедено:

„Нашите планови се до крајот на оваа година да почне изградбата на овој проект и да заврши во 2024 година. Тоа за нас ќе значи диверзификација и стабилност во нашите извори за снабдување со природен гас, значи ќе можеме да се снабдуваме од јужниот гасен коридор ТАП, но и од ЛНГ-терминалите во нашиот јужен сосед. Гасниот интерконектор со Грција, ќе има годишен капацитет да пренесува 2.8 милијарди метри кубни и е со должина од 68 километри на наша територија. Ќе се финансира со 20% грант од WBIF, 50% заем од ЕИБ , кои се веќе потпишани, и 30% со заем од ЕБОР. Договорот со ЕБОР, треба да се потпише во текот на втората половина од оваа година“, вели Реџепи.

Повеќе на:dw.de