ИСТАНБУЛ / АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку видеопорака го поздрави лансирањето на уште еден турски телекомуникациски сателит Турксат 5Б во вселената, истакнувајќи дека тоа е уште еден момент на гордост за Турција и за турската нација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска во вселената го лансиравме Турксат 5Б, најмоќниот комуникациски сателит на нашата земја и со најголем капацитет. Во овој сателитски проект се одлучивме за ракетата Фалкон 9 на Спејс икс“, рече Ердоган.
Тој, исто така, им се заблагодари на Илон Маск и неговата компанија „Спејс икс“ што не подлегнаа на уцените и притисоците од антитурските лобија.
Нагласи дека брзината и капацитетот на пренос на податоци ќе се зголемат за повеќе од 15 пати преку лансирањето на Турксат 5Б.
„На овој начин, на корисниците во подрачјето на покриеност ќе им се пружаат услуги на широкопојасен сателитски интернет, на копно, море и кај воздушните возила во регионите каде што пристапот до интернет е ограничен“, рече турскиот претседател.
Американската вселенска компанија „Спејс икс“ (SpaceX) утринава во 4.59 часот по средноевропско време го лансира новиот турски телекомуникациски сателит Турксат 5Б.
„Турксат 5Б“, лансиран од вселенската станица „Кејп Канаверал“ во американската сојузна држава Флорида, ќе достигне 42 степени источна орбита за 164 дена, а потоа ќе започне 45-дневен процес на тестирање.
Сателитот произведен од „Ербас“ и пренесен од Франција во САД на 29 ноември, е најмоќниот турски сателит и ќе го зголеми Ка-Бенд капацитетот за повеќе од 15 пати. Ќе може да пренесува податоци со вкупно повеќе од 55 гигабити.
„Турксат 5Б“ е произведен со придонес на домашната индустрија на Турција. Се очекува да биде со животен век од над 35 години и ја претставува новата генерација на импулсен систем со електричен погон.
Со „Турксат 5Б“, освен Турција, ќе бидат покриени и целиот Блиски Исток, Персискиот Залив, Црвеното Море, Медитеранот, Северна и Источна Африка, Нигерија, Јужна Африка и соседните земји.
Турскиот претседател Ердоган одржа видеоразговор во четвртокот со Илон Маск, основачот на „Спејс икс“ (SpaceX), на кој разговараа и за лансирањето на сателитот.
Уште еден од турските сателити, „Турксат 5А“, беше лансиран во јануари исто така од компанијата „Спејс икс“. Со „Турксат 5Б“, Турција моментално има вкупно осум активни сателити.
„Anadolu Agency“










