ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) – Новиот турски телекомуникациски сателит денес во 6:59 часот по турско време (0359 GMT) е лансиран во вселената од страна на американската воздухопловна компанија „Спејс икс“, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Турксат 5Б“, лансиран од вселенската станица „Кејп Канаверал“ во американската сојузна држава Флорида, ќе достигне 42 степени источна орбита за 164 дена, а потоа ќе започне 45-дневен тест процес.

Сателитот произведен од „Ербас“ и пренесен од Франција во САД на 29 ноември е досега најмоќниот турски сателит, што ќе го зголеми Ка-Бенд капацитетот за повеќе од 15 пати.

Ќе може да пренесува податоци со вкупно повеќе од 55 гигабити.

„Турксат 5Б“ е произведен со придонес на домашната индустрија на Турција.

Се очекува да биде со животен век од над 35 години и ја претставува новата генерација на импулсен систем со електричен погон.

Со „Турксат 5Б“, освен Турција, ќе бидат покриени и целиот Блиски Исток, Персискиот Залив, Црвеното Море, Медитеранот, Северна и Источна Африка, Нигерија, Јужна Африка и соседните земји.

Преку видеопорака, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поздрави лансирањето како уште еден момент на гордост за Турција и турската нација.

„Денес во вселената го лансиравме Турксат 5Б, нашиот најмоќен и комуникациски сателит со најголем капацитет. И за овој проект, исто така се одлучивме за ракетата Фалкон 9 на Спејс икс“, рече тој.

Уште еден од турските сателити, „Турксат 5А“, беше лансиран во јануари исто така од компанијата „Спејс икс“.

Со „Турксат 5Б“, Турција моментално има вкупно осум активни сателити.


„Anadolu Agency“