Дали мораше прво да поскапи струјата, а после да се донесе закон што ќе го компензира растот на цената? Секако дека не мораше. Но, изгледа и Владата остана затекната (неинформирана) и од растот на цената на струјата и од растот на цените на нафтата на светските берзи, па почна да ниже компензации и задоцнети законски решенија.
Ако Владата предлага, а Собранието носи закон што треба ретроактивно да делува за да одговори на некои компензациски математики, тоа звучи многу невкусно и неодговорно. Накусо кажано, цената на струјата е веќе зголемена, а измените на Законот за ДДВ со кои данокот треба да се намали од 18 на 5 проценти, сè уште не се изгласани од пратениците. За среќа, во законските измени пишува дека тие важат од 1 јули.
Но, од друга страна, „ЕВН хоум“ прави фактури скалесто, не за цел јули, туку за некој пресметковен период што може да е од 5 јуни до 5 јули, од 15 јуни до 15 јули… Ова значи дека сега ЕВН треба да се воздржи од правење фактури, за да може периодот за јули да се пресмета и по повисоки цени и по понизок данок. Во спротивно, ќе стигнат и повисоки цени и стар данок. А реално, и тоа е можно. Законските измени за ДДВ не се донесени, сè уште важи актуелниот данок од 18 проценти, а новиот ценовник за струја доби зелено светло и според него еден киловат-час е поскап за повеќе од 12 проценти.
Дали мораше прво да поскапи струјата, а после да се донесе закон што ќе го компензира растот на цената? Секако дека не мораше. Но, изгледа и Владата остана затекната (неинформирана) и од растот на цената на струјата и од растот на цените на нафтата на светските берзи, па почна да ниже компензации и задоцнети законски решенија.
Прво Владата донесе уредба со која падот на цената на нафтата на светските берзи, што стигна и на нашите бензински пумпи, си го ископмензира со воведување дополнителна акциза и таа компензација влезе во државната каса. Потоа, таа уредба од времето на вонредната состојба се претвори во закон, кој ќе важи и кога нема да има вонредна состојба. Но, откако на светските берзи почна да расте цената на нафтата, што според регулативата значи намалување на таа дополнителна акциза со тенденција да стане нула (дополнителната акциза може да биде од нула до 3 денари), го најави воведувањето еколошка такса за горивата од 3,5 денари.
Но, само што тоа го искомпензира во својот тефтер за пресметки, пред Владата се јави нов проблем. Енергетските компании излегоа со пресметки од кои стана повеќе од јасно дека цената на струјата ќе поскапи. Уште пред да објави Регулаторната комисија за енергетика дека цената на струјата се зголемува за повеќе од 12 проценти, премиерот Зоран Заев рече дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки. Подоцна стана јасно на што мислел – со закон се намалува данокот на додаден вредност од 18 на 5 проценти. Така, намалувањето на данокот стана компензација за цената на струјата, но по потреба, и на еколошката такса, ако Владата требаше да се брани за оваа нова давачка.
Редењето компензации како конечен резултат го имаше следново – тоа што сега дополнителната акциза за бензинот е нула ќе се ископмензира со зелена такса од 3,1 денар, но неискомпензирана ќе остане дополнителната акциза за дизелот која сега е речиси 2,5 денари за литар, а на која дополнително ќе се додаде зелената такса од 3,3 денари. За сметките за струја, кога ќе се донесат измените на законот за ДДВ, поскапувањето ќе се искомпензира со падот на ДДВ.
Од целиот овој процес на компензирање ќе остане горкиот вкус на непредвидливост – на кој најмногу се жалат стопанствениците – како и непрофесионалноста во одлучувањето. Животниот стандард и бизнис плановите на фирмите не смеат да бидат заложници на калкулациите на Владата.
„Sloboden pecat“









