Еколошката такса стигна во Собранието, а ќе се менуваат законите за даноци и за животна средина. Преку оваа давачка во Буџетот треба да се слеат 54 милиони евра за една година, кои ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори на енергија
Владата го достави до Собранието предлогот за воведување на еколошката такса и за намалување на ДДВ на струјата. Измени се прeдвидени во законите за даноци и за животна средина, кои веќе се во собраниска процедура. Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива жестоко се противи на воведувањето на оваа такса и за нив е спорен фактот што нема да се знае точно за што ќе се трошат собраните пари, кои според владиниот план директно ќе одат во државната каса.
„Во суштина оваа такса нема да оди во некој фонд или одредена агенција за екологија. Дотолку повеќе, што досега 0,5 проценти од Буџетот се издвојуваа за екологијата, па затоа не гледаме зошто оваа мерка е потребна. Може Владата со редуцирање на непродуктивните трошоци, кои се трошат од државни функционери, да ги собере тие средства и да не се оптовари економија и граѓаните со фискален товар“, рече Елми Алзири од Алијанса на Албанците.
И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека наместо вложувања во екологијата, Владата има намера да го полни буџетот на грбот на граѓаните. Според Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, несомнено воведувањето на дополнителна давачка на горивата, преку зголемените цени, ќе ги зголеми приходите во државниот буџет. Но зголемените цени негативно ќе влијаат врз стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници.
„Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во многу неповолен момент, кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст. Цената на суровата нафта последнава година на светските берзи е зголемена на цели 90 отсто, а само во последниот месец, таа поскапи за 10 отсто и ова секако ќе влијае врз зголемување на малопродажните цени на горивата. Еколошката такса ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во Буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за кризен данок. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза“ рече Славески.
Славески спори со образложението за воведувањето на т.н. еколошка такса за горивата, не согласувајќи се со нејзината наводна цел „да се придонесе кон заштита на животната средина преку поддршка на транзицијата од користење фосилни горива кон обновливи извори на енергија“.
„Нè убедуваат дека зголемените цени на горивата почивале на познатиот принцип „загадувачот плаќа“. Овој принцип, предложен од економистите пред точно еден век, е сосема во ред, но повикувањето на него во случајов претставува класична злоупотреба и замена на теза. Значи ли ова дека сите корисници на автомобили, сите транспортери, вклучително и вршители на јавен превоз во земјава се загадувачи? Се разбира дека не значи“, дециден е Славески.
Биљана Муратовска од „Макамтранс“ прва посочи дека со еколошката такса се казнуваат сите оние што во изминативе години купиле автомобили и камиони со највисоки еколошки стандарди.
„Сите сме ставени во ист кош. Каде е тука мотивирањето да се обнови возниот парк во државата, во која просечната старост на автомобилите е дводецениска? Во ниту една европска земја не се воведуваат вакви такси со образложение дека „зелената агенда“ е скапа инвестиција. Ако сакаа да се борат против загадувањето, можеа да воведат построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата, како основа за примена на принципот „загадувачот плаќа“. Вака се посегна по најлесното – линеарно зголемување на цените на горивата за сите корисници, без разлика на видот на превозното средство“, изјави за „Слободен печат“ Муратовска.
Еколошката такса од 3,5 денари без ДДВ ќе се однесува на дизелот, бензинот, екстра лесното масло и мазутот. Планот е преку оваа давачка во Буџетот да се слеат 54 милиони евра за една година, пари кој според Владата ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори на енергија.
„Sloboden pecat“










