Ако во патоказот кој би го договориле Софија и Скопје нема рокови и не се наметнуваат решенија тогаш тој нема да биде ограничувачки за македонски евроинтеграции, а во спротивно би бил замка, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Патоказот како можност за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија поради кој се блокирани македонските европски интеграции се уште не е докрај јасен ниту содржински, ниту пак во каква форма би бил. Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ја навести таква можност, засега не даде дополнителни детали.
Министерот рече дека ако се констатира дека Договорот со Бугарија не испорачува доверба може да се додадат механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, рече Османи додавајќи дека тој не треба да биде дел од Преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно, но дека би се договорил или „билатерално или во рамки на европскиот процес“
Марко Трошановски од Институтот за демократија и Иван Стефановски од Центарот за европски стратегии Евротинк се воздржани за посериозни анализи поради штурата изјава на министерот кој не дава детали околу содржината на патоказот, ниту пак за начинот на кој тој би бил дел од евроинтегративниот процес.
Трошановски инсистира дека каков било патоказ треба да биде надвор од преговарачката рамка и дека тоа треба да биде македонската црвена линија, но нагласува и дека патоказ надвор од таа рамка, туку во пристапниот процес може да биде многу ограничувачки за земјава. Патоказот не би бил ограничувачки, вели Трошановски, само ако не притиска со рокови и наметнува решенија.
„Патоказот може да биде и голема замка и да значи всушност, де факто и де јуре, прифаќање на дебатата што ја наметнува Бугарија за идентитетот и јазикот, теми кои се надвор од Догворот за добрососедство. Ако роковите и насоките во тој патоказ упатуваат и на таква дебата, тоа треба да биде црвената линија и тој да биде отфрлен“, вели Трошановски.
И Стефановски е на ставот дека доста е проблематично ако патоказот стане дел од преговарачката рамка бидејќи како што вели и Европската Унија и претставниците на земјите членки веќе изјавија дека преговорите за пристапување кон унијата треба да бидат на принципиелна основа и врз основа на однапред утврдени критериуми кои веќе се содржат и во новата методологија за пристапување. Ако пак не е дел од преговарачката рамка, вели Стефановски, останува само на политичката војла на Бугарија да не блокира или не.
„Меѓутоа, ако стане дел од преговарачката рамка тоа значи дека тој напредок ќе биде под континуиран мониторинг од стана на Европската комисија и на државите членки“, вели Стефановски.
Инаку, предлог преговарачката рамка за земјава со унијата која во почетоков на месецов ја разгледуваа телата на Европската Унија не ги содржеше бугарските барања. Во неа стои дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат клучни елементи на процесот на проширување.
Повеќе на:РСЕ










