МОН имаше време имаше, но веќе нема. Министерството како по обичај доцни, многу доцни со протоколите и одлуките, па затоа и такво ни е образованието, вели во разговор за РСЕ, Владо Димовски, од Центар за толеранција и доживотно учење.
Господине Димовски, се ближи почетокот на наредната школска година, а се уште не се знае дали ќе почне. На што се должи тоа? Министерството за образование имаше сосема доволно време за да излезе со план, па дури и со резервен план.
Време имаше, но веќе нема. МОН како по обичај доцни, многу доцни со протоколите и одлуките па затоа и такво ни е образованието. Сега веќе по мислењето и заклучокот на здравствената комисија МОН треба веднаш, ама веднаш да понуди решение за да има барем колку-толку време да се направи некоја подготовка, инаку со вакво темпо на нудење решенија учебната година ќе започне во јануари 2021 година, а прашање е дали и тогаш.
Ако во второто полугодие од учебната 2019/20 состојбата со пандемијата не затекна изненадно и учебната година заврши така како што заврши, за почетокот на учебната 2020/21 требаше подготовките да започнат во месец мај кога веќе се знаеше дека одење по одмори надвор од Македонија ќе нема. Наставниците работејќи од дома ќе имаа време да се подготват, а даваа разни предлози за подобрување на образованието, но кој нив ги есапи.
МОН имаше време да организира онлајн средби, состаноци, консултации со голем број наставници кои и без повикот на МОН даваа предлози како да се справи образованието со новонастанатата состојба уште од првите денови на прекинот на наставата.
Едукација и пандемија – кој модел е најдобар
Според мене МОН нема основен план, а камоли резервен.
Зачудува фактот што во МОН има вработени (додуша многу малку) кои до вчера држеле дневник во рака, имале секојдневна настава, се соочувале со разни предизвици и непредвидени состојби и можат да изготват 100 варијанти и планови како да започне наставата од септември, а планови нема. Освен ако нив во МОН никој за ништо не ги прашува, тогаш е оправдано. Според моите сознанија од страна на МОН, деновиве се одржа една средба со неколку директори на училишта преку ЗООМ платформата и беа дадени предлози и препораки како во новата учебна година. Трагедијата е што нема дискусија, нема решенија од МОН по кои би се дискутирало, туку само аха добро ќе забележиме па ќе видиме. Со „ќе видиме“ не се води образование. Исто така ваквите средби од страна на МОН ги водат советници кои никогаш дневник не фатиле во рака, а камоли да одржале барем еден час со ученици.
Господине Димовски, вие бевте наставник во рурална средина. Какви се хигиенските услови во училиштата во руралните средини, може ли да се исполнат здравствените протоколи за спречување на ширењето на коронавирус во ваквите училишта за да почне наставата.
Повеќе на РСЕ








