Фокусот на повеќето луѓе во период на пандемија е целосно на институциите, а не на партиите, велат политичките аналитичари, според кои сепак е рано да се прогнозира дали коронавирусот ќе ја смени политиката, па и лидерите.
Засега е извесно дека коронавирусот го смени животот на луѓето, се седи дома, а гушкањето и бакнувањето, некогаш симбол за топлина, сега се строго забранети. Ова е сликата во секојдневната комуникација на граѓаните, која е извесна засега, но светската пандемија отвори можности и за промени на македонската политичка сцена и перцепцијата на дел од граѓаните кон политиката.
Партиите и лидерите, вообичаено главни во медиумите со своите пораки кои ги наметнуваа во јавноста, сега се во втор план, за разлика од вестите за коронавирусот чии главни пренесувачи, пак, не се првите партиски луѓе, тукуминистерот за здравство, здравствените власти, епидемиолозите, лекарите.
И едно испитување на јавното мислење објавено неодамна, а изработено од Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 18 до 21 март оваа година, кога беше почната епидемијата со коронавирусот покажува дека голем дел од граѓаните се задоволни од работата на министерот за здравство Венко Филипче. Според исптувањето 82 отсто од анкетираните велат дека се задоволни од неговата работа.
Владимир Божиновски од Институтот кој ја изработи анкетата, за РСЕ вели дека сепак многу е рано да се прогнозира каков ќе биде ефектотот на коронакризата врз политиката.
„Зависи колку кризата ќе потрае и како ќе се справиме со неа и дури потоа ќе видиме дали ќе имаме ефекти врз политиката. Јавноста е преокупирана со коронавирусот и се останато е во втор план“, вели Божиновски.
Во меѓувреме, партиските битки не преставнуваат, па штабовите секојдневно се обвинуваат и критикуваат нарекувајќи се меѓусебно криминалци или нечии послушници, неспособни или деструктивци кои не се грижат за граѓаните.
Според Ненад Марковиќ, професор на правниот факултет Јустинијан Први, освен партиските поддржувачи никој веќе не ја перцепира ситуацијата со епидемијата низ призмата на меѓупартиска војна. Луѓето, вели тој се обидуваат да излезат од оваа ситуација со што помалку жртви и затоа нивното внимание е насочено кон институциите без разлика која партија ги води, а не кон пораките од партиските штабови.
Повеќе на:РСЕ









