АНКАРА (АА) – Тимот на експерти кои ја сочинуваат Четвртата национална мисија на Турција, а кои пред три дена пристигнаа на Антарктикот, го реализираа својот прв проект, формирањето на фиксната станица на Глобалниот сателитски навигациски систем (GNSS), прва надвор од границите на Република Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за индустрија и технологија на Турција, Мустафа Варанк, во пишана изјава потсети дека турските експерти на Антарктикот престојуваат во рамките на проектот кој се реализира под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател, а во координација на турското Министерство за индустрија и технологија, Институтот за антарктички истражувања (KARE).

„Екипата на турски експерти по едно долго патување започна да работи на проектите. Турскиот тим се состои од 24 експерти, а во овој момент ја формира првата фиксна станица на Глобалниот сателитски навигациски систем (GNSS) надвор од границите на Турција“, рече Варанк.

Тој додаде дека станицата е формирана на островот Дисмал, кој е оддалечен 73 километри од Хорсшу, островот каде што се наоѓа привремениот турски научен камп.

Претходно е наведено дека турскиот тим на Антарктикот ќе реализира вкупно 15 проекти.

Научниот тим од Турција на пат кон Антарктикот тргна на 9 февруари, а прва одредница беше бразилскиот Сао Поало, потоа чилеанскиот град Сантјаго, од каде што преку Пунта Аренас, пристигнаа во Пуерто Вилијамс.

Пуерто Вилијамс се смета за најоддалеченото место на јужната Земјина хемисфера, каде што турскиот тим помина три дена, а потоа го продолжи патот кон антарктичкиот остров Кинг Џорџ.

Во согласност со меѓународните права кои важат за Антарктикот, сите членови на тимот при излезот од авионот поминаа посебен третман на дезинфекција на телото, облеката и обувките, за на Антарктикот да не се донесат какви било микроорганизми кои би можеле да го загрозат чувствителниот екоситем на тој крај од светот.

Со Меѓународниот антарктички договор од 1959 година, со тој континент управува Научниот совет за арктички истражувања (SCAR) и Советот на менаџери на националните антарктички програми (COMNAP).

Турција е потписничка на Антарктичкиот договор, но без сопствената научна база има само статус на набљудувач на континентот кој е предмет на голем број научни истражувања.

Со отворањето на научната база, Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.

Пренесува: „Dubai-Portal“

Пишува: „Anadolu Ajansı“