Ердоган: „Бомбардирањето на храмови не се нарекува џихад, тоа се нарекува тероризам“

0
140

Со свечена церемонија, во присуство на голем број гости, денеска е отворена џамијата „Чамлиџа“ во Истанбул, најголемата џамија изградена во модерна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

На отворањето на џамијата свое обраќање пред присутните имаше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој порача дека секој човек има право да ја практикува својата религија, и нема разлика меѓу нападите врз џамии или цркви.

„Убивањето на недолжните, бомбардирањето на храмовите не се нарекува џихад, тоа се нарекува тероризам, дивјаштво, убиство“, рече Ердоган.

По церемонијата на отворање, Ердоган ги однесе гостите во обиколка на ова здание.

Станува збор за нова џамија која се наоѓа на брдото Чамлиџа на азискиот брег на Босфорот.

Изградена во отоманско-селџучки архитектонски стил, и е впечатлив симбол на градот на Босфорот.

Џамијата е претходно отворена за верниците по повод ноќта Лејлетул Регаиб, која го одбележува почетокот на трите свети месеци во исламскиот календар.

Импозантниот комплекс, покрај џамијата, има и музеј, уметничка галерија, книжарница, конференциска сала, уметничко ателје и голем паркинг.

Џамијата е инспирирана од делата на Мимар Синан, но не е нивна копија. Димензиите на џамијата се полни со симболика.

Има шест минариња кои ги претставуваат шесте столба на исламот. Четири минариња се високи 107,1 метар, во чест на победата на селџучките Турци во Битката кај Манцикерт од 1071 година против Византиската војска, што ја отвори Анадолија за турската доминација.

Нејзината главна купола со висина од 72 метри ги претставува 72-та народа кои живеат во градот. Втората купола со дијаметар од 34 метри го симболизира бројот на регистерските таблички на Истанбул.

Троделниот украс на главната купола кој тежи 4,5 тона и е со височина од 7,77 метри, е најголемиот од таков вид.

Во внатрешноста на куполата се напишани 16 од Алаховите имиња.

Во џамијата се наоѓа и рачно изработен тепих од 17.000 метри квадратни. Минберот во џамијата (местото од каде што имамот ја пренесува хутбата), е висок 21 метар и може да се подигнува со лифт.

Џамијата може да прими повеќе од 60.000 верници (околу 25.000 во внатрешноста, 12.500 во дворот, а во надворешниот двор околу 22.500).

Џамијата може да одржи осум погребни молитви во исто време.