Има разни моменти или настани кои ни се случуваат во нашиот живот. Едни од нив стануваат приказни и сведоштва од минатото, други насоки за сегашноста, трети поуки за иднината. Но пред да станат било што од овие, тие случувања без разлика дали се добри или лоши најпрво мора да се доживеат а потоа и да се преживеат. Некои од нив на нашиот јазик (горнодримколски) ги викаме ,, ИЌАИЊА (вистинска но надоградена приказна со цел да се даде посебен дух во раскажувањето и извлекување на одредена поука ). Такво е и ова ,,ИЌАЕ,,.
ИЌАЕ
Го обожавам мирисот на нова книга, на печатената хартија и нејзиното шушкање при вртење на страниците. Ме потсеќа на оние есенски прошетки кога пешачам низ патеката по костеновата шума каде подлогата од паднатите позлатени листови ми ги покрива глуждовите и пријатно шушка под чекорот на нозете со мирис од последното нивно испарување пред да потемнат и се вратат во својата мајка земја.
Така е и сега, кога ја добив новата книга со најновиот наслов на новата ,,Македонска Енциклопедија,, Но само што ја помирисав и грубо свртев по страниците ми звона на телефон мојот другар Рамис и во заповедувачки глас ми рече –
,, Ајде спремај се одиме Лабуништа, да се видиме со човекот,,
,, Ох зарем сега, таман ја добив книгата и барем да прочитам едно поглавје – му реков,,
,, Но нели сакаше да слушнеш едно лабунишко иќае со омилената нова поговорка ,, ДОЈДЕ ЗА ВАКЕ,,
Веднаш се ставив во едно необична одлука – да се слушне едно лабунишко иќае која во себе носи голема мудрост или ,,шерештина/шеретинок,, на мојот народ или да се прочита поглавје од новата македонска енциклопедија.
Но веднаш ја донесов одлуката.
,, Одиме!
И тоа – му велам, ќе одиме по патеката на нашето детство по ,,горни пат,, таму каде што беревме костени како деца и баравме ,, ума (природен пластелин),, Сеуште во мене се тие спомени на тие измачкани рачиња со маслинеста сиво зелена глина (ума) која јас, Рамис, Дарко, Сашо, Решат, Фатима, Тофила, Бегуша….(и сите други од одделението на нашата учителка Ружа Кукунешоска) копавме таму и правевме убави предмети за часовите по општотехничко образование (ОТП). Всушност тогаш немавме пластелин како сегашните деца но имавме накратко речено – детство.
Се сретивме на Равење а тој веднаш со блага насмевка во заканувачки глас ми рече –
Зарем ќе пропуштиме лабунишко иќае?
За ништо на светот не би пропуштил! Со сигурност му одговорив.
Всушност од Лабуништа потекнуваат многу работи: од иќаиња до меселиња, од писатели до музичари, но пред се за мене тоа се луѓе кои се што направиле и ќе прават е благодарение на сопствениот главно печалбарски труд, и умешноста од сопствената животна борба ма колку и да е тешка да направат по некое интересно иќае што ќе зборува за ведрината на нивниот дух и способноста да се снајдат во сите времиња и невремиња. Често пати за нив сум слушал од моите родители кои оставиле длабока трага во нивното учителствување во Лабуништа и бројните пријатели и роднини при што сите нивни раскажувања и животни примери биле со почит, внимание и позитивност према соседните селани. Затоа секогаш сум длабоко поврзан со ова село и во секоја слободна прилика и ден денес знам со моите другари а посебно со Рамис (кој едвај чекам да дојде од печалба) да прошетаме таму и видиме со луѓе.
Така е и сега, пешачиме по ,,горни пат,, и веднаш започнуваме со разговор за потеклото на новите реченици кои ни станаа омилени. Но пред да ја слушниме оргиналната верзија од човекот кое тоа го има речено уште еднаш ја повторуваме приказната која ја шири народот.
Според кажувањата – ,,филан и филан (некојси),, лабуништанец стекнал имот пренесен од прапра дедому до таткому на сред село и тоа многу вреден. Но бидејќи денес само парата има вредност одлучува поголемиот дел од својот имот да го продаде и да се стекне со готова пара.
Во една прилика живеејќи го на свој начин живот и трошејќи пари се слика на фејсбук со убава позадина на купени коли, преубави софри и куртизани при што ќе напише на фејзбук страницата –
,, ДОЈДЕ ЗА ВАКЕ (дојде за вака),,
Непоминува многу долго време, како и секоја готова пара се троши и човекот мора повторно да заработува за леб и се враќа на почетокот или на прапочетокот. Сега повторно се слика на фејзбук но наместо во убава облека, коли и куртизани ќе биде облечен во работничко одело, во раката држи мистрија а во позадина машина за малтер. На таа слика сега ќе напише –
,, ЗА ВАКЕ Е ДОЊЦОВМЕ (за вака е донесовме),,
И овој пат раскажувајќи го иќаето по којзнае кој пат повторно смеа меѓу нас.
Не ни приметивме кога стигнавме во Лабуништа и со човекот (филан и филан) се најдовме во една од лабунишките чајџилници.
Срдечно не пречека со чај од нане и веднаш не праша дали е сакаме оргиналната верзија или она од народот која ја шири за него.
И двете! но повеќе оргиналната, бидејки другата е знаеме! – Веднаш извикавме.
Тогаш е добро да знаете дека се разликува од онаа која ја дополнија моите лабуништани и иставија една опашка. Ама тоа е. Така и се случи со мене. Јас ги напишав тие зборови и се сликав но причините не се тие.
Важно е дека сега, за се што е ,,моментално добро,, сите пишуваат – ,, ДОЈДЕ ЗА ВАКЕ,, а кога поради тоа ДОЈДЕ ЗА ВАКЕ,, ќе се случи нешто или ќе произлезе нешто лошо, непредвидливо и нешто за што сме самите криви тогаш се вели – ,, ЗА ВАКЕ Е ДОЊЦОВМЕ,,
И покрај ,, опашката,, или народното надополнување кое малку е непријатно за човекот, тој со насмевка тоа го прифаќа и вели дека сега е важна суштината на зборовите кои ќе останат како еден вид народна изрека во споредба со него, чија судбина е минлива.
Не испрати а ние заминавме по истиот пат.
На враќање цело време размислувавме која е вистината – дали неговата или она со опашка од народот. Но не е битно, како рече човекот, важна е изреката која сега сите ја користиме.
Но сепак остана размислување во мене, за него, за човекот кој продолжува во својот живот да чекори со чесност, искреност и работливост.
Се вратив а на масата стоеше отворена новата македонска енциклопедија. Сеуште од неа се ширеше пријатниот мирис на новата хартија а поглавјата бараа да бидат прочитани. Но јас само пополека се приближувам кон неа, со насмевка ја проследувам и ја затворам. Чинам се е веќе прочитано, се е веќе кажано, се е веќе видено. Зошто ,,ДОЈДЕ ЗА ВАКЕ,, односно,, ЗА ВАКЕ Е ДОЊЦОВМЕ (за вака е донесовме),,











