Демократски е да се прифати дуел со политичкиот противник, велат упатените по барањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за дуел со премиерот Зоран Заев. Не смее да се повтори начинот на кој се однесуваше Никола Груевски, кој со години не прифати дуел, додаваат тие.
„Го повикувам каде сака, на Сител, на Канал 5, на МТВ, на сите заедно, да отвориме дебата, да разговараме за прашањата во Македонија”. Со овие зборови во декември, пред новата 2015 година, тогашниот опозициски лидер Зоран Заев го повикуваше тогашниот премиер Никола Груевски да се соочат на телевизиски двобој. Од ВМРО-ДПМНЕ низ годините одбиваа оправдувајќи се со презафатеност, дека не можеле се што ќе побара да му исполнат или условувајќи го со други теми.
Сега, пак, наследникот на Груевски на партиската функција, Христијан Мицкоски, постојано бара дуел со премиерот.
“Бирај и место и водител и време, пред Нова година јас и ти тет а тет да збориме отворено” порача Мицкоски и вчера од протестниот марш во Скопје.
Премиерот, пак, сега вели дека прифаќа телевизиски дуел во кое било време и на кој било медиум, но само ако Мицкоски претходно се изјаснел дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, а ако не бил за тоа требало јасно да го каже и да понуди алтернатива.
Поранешниот премиер Груевски не прифати ТВ дуел со ниту еден опозициски лидер од 2006 година за што често беше критикуван од СДСМ. Начинот на кој се однесуваше Груевски во однос на политичката комуникација не смее да ни се повтори, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.
Повеќе на: RSE










