По синоќешната работна вечера која, според грчките медиуми, поминала во топла и пријателска клима, шефовите на дипломатиите на Македонија Никола Димитров, на Грција Никос Коѕијас, на Бугарија Екатерина Захариева и на Албанија Дитмир Бушати, денеска во Солун го почнуваат формалниот дел од квадрилатералната министерска средба во чиј фокус се можностите за зајакнување на меѓусебната соработка.

Работна вечера беше во организација на домаќинот, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, а фотографии на официјалните Твитер профили, објавија и македонското и грчкото МНР.

Во рамките на министерскиот состанок, шефовите на македонската и грчката дипломатија ќе одржат билатерална средба.

Третиот министерски состанок започнува во 10 часот по локално време со обраќање на Коѕијас кој ќе го отвори работниот дел.

На шефовите на дипломатиите на четирите земји ќе им се придружат и министрите за транспорт и за внатрешни работи. Ќе се разговара за прекуграничната соработка, за европерспективите на Западен Балкан, за влијанието на случувањата на Блискиот Исток врз регионот, за можностите за развивање на сообраќајната инфраструктура. Ќе стане збор и за соработката меѓу полициите, борбата против прекуграничниот и организираниот криминал и справувањето со миграцијата.

Министерскиот состанок ќе заврши попладне со заедничка прес-конференција.
Министерот Димитров утрово, како што соопшто МНР, има работен појадок со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Извор:НоваТВ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here