
Помеѓу истоштеноста и уморот на мигрантите, има различни трогателни приказни.
За активистите за човекови права кои секојдневно се на терен, најтешки се оние на децата.
“Почнавме да не ги прашуваме, бидејќи е тешко само немоќно да се слуша”- вели за Фактор, Јасмин Реџепи од невладината “Легис”, кој секојдневно е помеѓу бегалците.
За него и останатите хуманитарци веќе е видена и очекувана сликата на едно место да гледа стотици луѓе кои молат за помош. Сега додава, е важно само брзо и навремено да им се помогне.
“Имавме ситуација каде му се слоши на татко со две деца. Откако го згриживме и освеживме во болница, ги искапевме и облековме во ново дечињата. Им ги дадов играчките од мојата ќеркичка за полесно да заспијат. Едното се нишкаше, како бебе пред спиење. Кога го прашав таткото, што прави малото, ми одговори:
“Секоја вечер пред да заспие ја замислува мајка си како го нишка за да заспие. Таа го нишкаше така до денот кога загина од буре бомба фрлена од хеликоптерите на Асад во предградие на Дамаск” – раскажува Реџепи.
Ваквите случки никого не можат да го остават рамнодушен, но за емоции и жалење нема време, сега вели тој, е потребна само хуманост бидејќи тоа се цивили, семејства и поединци, кои бегаат од виорот на војната, од, како што велат, злосторствата на Башар ал Асад и ИСИС.
“Во Демир Капија еден татко ги качи своите две ќеркички на возот за Куманово, а поради удар од полицаец не можеше да се качи. Активистите на Нун му ја санираа повредата на главата, додека активистите на Легис ги бараа девојчињата по возовите во Скопје и Куманово. Успеавме да ги лоцираме во Прешево, каде што го почекаа, и ги споивме по неколкудневни интензивни напори”-се сеќава активистот за човекови права.
Тој е задоволен од новите законски измени за азил кои вели го намалиле страдањето на мигрантите кои транзитираат низ земјава за околу 70 отсто. Сега проблем се само задржувањата и премините на меѓузоните кон Грција и Србија.
“Сметам дека МВР треба да допушти и други невладини слободно да дистрибуираат храна, вода и медицинска помош, а не само Црвениот Крст кој за сега нема доволен капацитет за такво нешто. Сеуште е рано за статистики, ова е само почеток. Состојбата на терен е прединамична и неконстантна. Невладиниот сектор е во координација со Министерството за Труд и Социјала, и другите институции за изнаоѓање благовремени решенија на сите предизвици. Потребен е похуман пристап кон оние на меѓузоната. Разбираме дека треба да се контролира бројот на влез и транзит на мигранти, но не и на нивна штета. Доколку Грција не контролирано пропушта, не значи дека сите тие треба да се оставени самите на себеси без наша помош во меѓузоната”-објаснува Реџепи од невладината “Легис”.
Во моментов, според него треба да се направат современи пунктови во Гевгелија и Табановце кои ќе бидат функционални за прифаќање на мигрантите и пружање на соодветен третман но и од практична корист за активистите.
Дополнително, невладините бараат реновирање на прифатниот центар во Гази Баба кој треба да обезбеди хуман и човечен престој на оние бегалци кои ќе се најдат во него. Сликите и фотографиите кои го прикажаа ужасот и голготата со кои се соочуваа овие лица сместени во Центарот се поука да не се дозволи ова да биде сликата за хуманоста на земјава.
“Гази Баба треба да се реновира, и што побргу да се замени со нов камп од полу-отворен тип. Таму секојдневно носиме ифтари –вечера за рамазанските пости, и вечераме со нив, споделувајќи ги нивните маки и животни приказни. Сега бројот од над 400 се сведе на само 50 мигранти, со што сме исто така задоволни. Во однос на давање хуманитарна помош, на терен се активистите на Солидарност, Нун и Легис. Нун дели сендвичи, вода и овошје на жел.стан. во Гевгелија каде што се собираат мигрантите дури чекаат издавање потврди. Во вонредни услови се користат залихите на Легис од пунктовите во Миравци и Д.Капија, делуваме на железничките во Скопје и Табановце, а имаме свои тимови и за медицинска и за техничкa помош ко наизменично делуваат на северната или јужната граница. Сега почнаа Црвениот Крст и УНХЦР да се активираат повеќе, па се надевам дека потполно ќе нè заменат на терен за кратко време. Всушност за тоа и постојат, нели?”-потенцира граѓанскиот активист.
Бегалците според него, се река која ќе го најде својот пат за миграција, било да е тоа над, под, околу или низ оградата. Клучот за стопирање нови мигранти вели е кај нашиот јужен сосед.
“Наше е да им овозможиме најбезбедно да минат. Ние сме задоволни од иницијативата која ја презедоа граѓаните и невладините организации, која беше навремена и соодветна за справување со првиот бран. Ова е само почеток, треба да сме подготвени”-порачува Јасмин Реџепи од невладината “Легис”.
Што се однесува до задачите и обврските кои ние ги имаме, за сега имаме залиха донации од граѓаните уште за половина месец. Се надевам дека до тогаш големите меѓународни организации ќе почнат да ги трошат своите фондови и грантови наменски, а не да се ослонуваат на донациите од граѓаните и цивилниот сектор.
С.Б.













