Поради екстремното заматување и загадување на водата за пиење во Струга, Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување на причините и можните кривични дела против животната средина.Следува обемна истрага во која се вклучени повеќе инспекциски и безбедносни служби.
Истрага кај изворот Шум – главен извор на водоснабдување
„Во координација со МВР – ОВР Струга издадена е наредба правосудната полиција да изврши увид во селото Шум, каде се наоѓаат изворите што го снабдуваат Струга со вода. На увидот ќе присуствуваат инспекторите од животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје“, соопшти Јавното обвинителство.
Институциите ќе спроведат дополнителни теренски проверки и земање примероци за лабораториска анализа.
Кризата трае веќе една недела. Од чешмите тече темнокафеава вода со заматеност која, според анализите, е 30 пати над дозволеното ниво. Водата е прогласена за технички неисправна и забранета за употреба – за пиење, готвење и лична хигиена.

Оставка на директорот на Водовод: „Ова е еколошка катастрофа“
Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, поднесе оставка поради ескалацијата на кризата.
„Ова е огромна еколошка катастрофа. Во 43 години работа не сум видел вакво заматување. Ги информирав сите институции, но моите надлежности се ограничени. Поради тоа поднесувам оставка“, изјави Јусуфоски.
Тој побара итно утврдување на причините за загадувањето и преземање итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.










