Неколку претходни препораки на ОДИХР остануваат нерешени, вклучително и оние поврзани со ефикасните заштитни мерки против злоупотреба на државни ресурси, транспарентност на финансирањето на кампањата, подобрена регулатива и надзор врз медиумското однесување, е наведено во извештајот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР, во пресрет на локалните избори на 19-ти октомври.
Со цел да се процени предизборната средина и подготовките за локалните избори, ОДИХР од 24-ти до 27-ми јуни годинава спроведе мисија за проценка на потребите, при што биле одржани состаноци со претставници од државните институции, на политичките партии, медиумите и граѓанското општество. Поголемиот дел од соговорниците на ОДИХР ја нагласиле потребата од набљудувачка мисија на изборите за сите фази од процесот- почитувањето на законската рамка и нејзиното спроведување, регистрацијатата на кандидатите, водење на кампањата, медиумското покривање, финансирањето на кампањата, решавањето на изборните спорови и процедурите на денот на изборите.

Измени пред избори

Кои се клучните забелешки во извештајот? Повеќето соговорници на ОДИХР ја оцениле законската рамка како генерално соодветна за спроведување на демократски избори, а неколкумина посочиле дека таа содржи празнини и двосмислености што влијаат на јасноста на процесот. Дел укажале на потребата од сеопфатен преглед на законодавството, но забележале недоволна политичка волја за решавање на фундаменталните недостатоци, а други ја нагласиле важноста од избегнување законски измени непосредно пред избори.
Во извештајот на ОДИХР се нотира дека Изборниот законик често се менува токму пред избори.
„Изборниот законик е предмет на чести измени, честопати непосредно пред изборите. Последен пат беше суштински ревидиран во април 2024 година и не се воведени понатамошни измени, и покрај претходните напори за започнување инклузивна реформа. Во јуни 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ иницираше нацрт-амандмани на Изборниот законик, поттикнати од одлуката на Уставниот суд од 21-ви мај 2025 година со која за неуставни се прогласија одредбите што го регулираат прагот на потписи за независните кандидати. Предложените измени се однесуваат и на неколку други прашања, вклучувајќи ги процедурите поврзани со буџетирањето и финансиската автономија на Општинските изборни комисии (ОИК). Се очекува овие измени да бидат усвоени пред претстојните избори“, се вели во извештајот.

dw.de