Втората инаугурација на Доналд Трамп донесе сличен говор како и првиот: жестока осуда на состојбата во која се наоѓа државата и големи ветувања дека проблемите ќе се решат. Пред осум години, Трамп зборуваше за „американски масакр“ и вети дека тоа веднаш ќе заврши. Во понеделникот, тој рече дека пропаста на САД ќе престане веднаш и земјата ќе влезе во „златно доба“.

Трамп најави серија претседателски декрети со кои сака да стави крај на „пропаѓањето на САД“ и да ја направи „Америка повторно голема“.

Жестоко против имиграцијата

Во инаугурацискиот говор во Капитол, на истото место каде неговите приврзеници пред четири години се обидоа да извршат насилен државен удар, Трамп најави дека првата мерка ќе биде објавување на состојба на национална катастрофа на јужната граница кон Мексико.

„Илегалните влегувања веднаш ќе бидат запрени, и ќе започнеме со процес на враќање на милиони и милиони криминални странци назад од каде што дошле“, рече Трамп, дополнувајќи дека ќе ја испрати армијата на границата. Следните чекори на новата администрација се очекува да бидат укинување на правото на азил, но и укинување на можноста за добивање американско државјанство врз основа на раѓање на територијата на САД.