Од договор кој требаше да стане „извозен продукт“ за решавање конфликти, стана повод за поделби. Со „Академија за легитимитет“ денеска опозициската ДУИ во скопски хотел издвоено ќе ја одбележи 23-годишнината од потишувањето на Охридскиот договор, со кој се стави крај на неколкумесечниот конфликт во земјата во 2001 година.
ДУИ, која на 20 -годишнината од Охридскиот договор (2021) се пофали со негова целосна имплементација (легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност), откако остана во опозиција по изборите од мај годинава, ја смени плочата. Тврди дека е нападнат принципот на двојно мнозинство кој произлегува од ОД, кој не е само формален правен инструмент, туку гарантен инструмент за правична застапеност во владеењето, обезбедувајќи двете главни заедници во РСМ да владеат врз основа на изразената волја на изборите, а не на арбитрарност и мајоризација.
„Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ (The Public International Law & Policy Group – н.з.) да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните“, реагираа од ДУИ.
Повеќе на: dw.de










