Мирно и без проблеми поминува гласањето на претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија. Од Државната изборна комисија соопштија дека сите гласачки места биле отворени навреме, но кај некои од нив се забележани технички проблеми. Од МВР велат дека безбедносната состојба е стабилна и дека изборниот процес се одвива во фер и демократска атмосфера.
Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме зголемување на излезноста за 2, 69 проценти“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а мала во западните.
Од ДИК велат дека сите гласачки места биле отворени навреме, а во врска со гласачките места кои имаа технички проблеми, Даштевски посочи дека на три од нив (во Кочани, Охрид и Куманово), гласањето сè уште се одвива со УВ-ламба и спреј. На другите гласачки места проблемите биле решени и гласањето се одвива непречено.
Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен, уверуваат од Министерството за внатрешни работи.
Tехничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар изјави дека Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има и дека засега се се одвива во најдобар ред.
„Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.
Извор:РСЕ










