Десетици илјади Јеменци се собраа денеска во неколку градови, каде ги слушаа нивните лидери како ги осудуваат американските и британските напади врз нивната земја, извршени како одговор на нападот на Хутите врз поморскиот сообраќај во Црвеното Море.

Во текот на ноќта, САД и Велика Британија извршија десетина воздушни напади врз воени цели на Хути, проширувајќи го регионалниот конфликт што започна со нападот на Хамас врз Израел и последователната израелска офанзива на Појасот Газа.

„Вашите напади врз Јемен се тероризам“, изјавил Мохамед Али Ал-Хути, член на Врховниот политички совет на Хутите, мислејќи на САД.

 

„САД е Сатаната. Ние не ги нападнавме бреговите на Америка, ниту отидовме на американските острови и ги нападнавме. Вашите напади врз нашата земја се тероризам“, истакнал Ал Хути.

„Тие се терористи и вешти се да го лажат светското население, но свеста на јеменскиот народ е поинаква. Дали вие, Јеменци, мислите дека Америка се брани или е терористичка? праша тој.

Ирачката милитантна група Харакат ал-Нуџаба, исто така поврзана со Иран, тврди дека американските интереси, како и сојузниците на САД, нема да бидат безбедни оттука натаму. Демонстрантите во главниот град Сана ги газеа израелските и американските знамиња. Се огласи и меѓународно признатата јеменска влада, која рече дека нападите се одговор на континуираните напади на Хутите врз меѓународни бродови во Црвеното Море.

Владата поддржана од Саудиска Арабија додаде дека Хутите сносат одговорност за вовлекување на Јемен во конфликтот. Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, рече дека САД не планираат да испратат дополнителни сили во регионот и дека претходните напади врз цели на Хутите имале „добри резултати“.

„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и како што рекоа претседателот и министерот за одбрана, ќе продолжиме да ги преземаме потребните активности“, додаде тој, пренесува ХИНА.