Осама Хамад, премиерот на една од двете ривалски влади во Либија, денеска изјави дека се стравува дека во поплавите на истокот на земјата загинале околу 2.000 луѓе.

Пред тоа, претставници на владата што ја контролира источна Либија пријавија 27 загинати, но нагласија дека нема извештај од градот Дерна, во кој е прогласена вонредна состојба.

Сепак, во изјава за телевизијата Ал-Масар, Осама Хамад посочи дека бројката од 2.000 луѓе првенствено се однесува на Дерна, со која се прекинати сите сообраќајни врски и каде што нема струја или комуникациски врски. Хамад рече дека поплавите во Дерна однеле цели населби на Дерна.