Има повеќе симптоми кои може да укажуваат на депресија кај младиот човек, а некои се и атипични. Ако се појават минимум пет и траат подолго од две седмици, треба да се вклучи алармот, посочуваат експерите. Според истражувањето на „Мозаик Меик“ речиси 50 % од средношколците биле анксиозни.

Даниела од Скопје е мајка на три деца. Еден средношколец и две девојчиња во основно. Вели дека како и секој родител се соочува со предизвици во текот на нивното растење, особено кога се будат хормоните. Но, и дека ѝ олеснува затоа што успева со нив отворено да разговара буквално за сѐ.

„Секако сум забележала промени во однесувањето, повлеченост, некој вид на анксиозност. Некогаш се раздразливи и напнати. Но, ние нашите деца ги растеме со отворен пристап кон сите работи. Немаме табу теми, разговараме буквално за сѐ и нема нешто забрането. Не ги казнуваме и имаме некој наш стил на воспитување кој можеби ни помага и побрзо да ги пребродат тие моменти“, вели за РСЕ скопјанката Даниела.

Забележала дека ваквите ситуации не траат подолго од неколку дена. Но, и дека треба да го погодиш моментот, бидејќи децата не сакаат да зборуваат секогаш кога сакате вие. Ако некое од нејзините деца рече: „Ми треба помош од психолог“, таа би дала зелено светло.

„Знае дека не е чудно, не е нешто од кое треба да се срами или плаши и дека тоа е многу нормална работа“, додава мајката.

Повеќе на РСЕ