Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во петокот усвои резолуција со која бара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да издаде советодавно мислење за правните последици од израелската окупација на палестинските територии.
За резолуцијата гласаа 87 земји-членки, а против 26 земји, меѓу кои Израел и Соединетите Американски Држави. 53 земји беа воздржани.
Резолуцијата побара од судот со седиште во Хаг да го даде своето мислење „за правните последици кои произлегуваат од континуираното кршење на правото на палестинскиот народ на самоопределување од страна на Израел, од неговата продолжена окупација, населување и анексија на палестинската територија окупирана од 1967 година, вклучувајќи мерки насочени кон промена на демографскиот состав“, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, го осуди усвојувањето на резолуцијата и рече дека тоа е „одвратна одлука“ и „срам за ОН и за секоја земја што ја поддржува“.
– Секоја одлука на судско тело што добива мандат од морално банкротираните и политизирани ОН е целосно нелегитимна – рече Ердан.
Судот на ОН последен пат го разгледа израелско-палестинскиот конфликт во 2014 година.
(Vijesti.ba / ФЕНА)









