Со отвореното застанување на страната на Москва, Иран ја покажа својата вистинска цел, а тоа е да го испровоцира Западот со сите можни средства
Путин можеби доживува понижувачки порази по ред во неговиот обид да ја победи Украина. Но, судејќи според смртоносниот налет на ирански беспилотни летала кои роварат во Украина во последниве недели, лидерот изгледа решен да ги натера луѓето таму да платат крвава цена за спречувањето на руските империјални амбиции.
Ова, секако, ризикува да ескалира конфликтот кој ќе се прелее надвор од границите на Украина, пишува британски Телеграф. Можноста значително се зголеми кога Иран одигра активна улога во украинската војна. Од почетокот на војната во февруари, едно од најзначајните достигнувања на НАТО е спречувањето на конфликтот да се прошири надвор од границите на Украина. Ова првенствено беше постигнато со тоа што земјите на НАТО ја ограничија својата поддршка за Киев на оружје и обука, наместо директно да се вклучат во воен конфликт со Русија.
Оваа внимателно модулирана политика беше клучна за негирање на можноста на Путин да го оправда тврдењето дека Русите војуваат со НАТО, иако тој реторички се обидуваше да го стори тоа со цело срце. Сепак, зголеменото потпирање на Кремљ од Иран во спроведувањето кампања на терор против цивилното население во Украина се заканува да ја отвори можноста за војна која би се проширила надвор од границите на Украина. На ужас на цивилизираниот свет.
Иранското вклучување ги зголемува изгледите за формирање на нова „оска на злото“ меѓу Москва и Техеран. Историски гледано, Русија и Иран поминуваат повеќе време како ривали отколку сојузници, но овие односи неодамна радикално се подобрија. По посетата на Путин на Техеран во јули, Иран понуди да и помогне на Русија да ги избегне санкциите со користење на таканаречената „темна флота“ нафтени танкери.
За возврат, Москва преговараше за договор за оружје со Иран, кој вклучува купување на 2.400 беспилотни летала Шахед-136. Токму овие ирански беспилотни летала сега се главното оружје на Путин со намера да предизвикаат целосен хаос во Украина, а исто така се клучни бидејќи на Русите од ден на ден им снемува залиха од конвенционални ракети. И покрај негирањето на оваа трговија од страна на Иран, што не е ништо ново, имаше извештаи дека овој месец Техеран ќе и испорачува ракети земја-земја на Москва.
Покрај тоа, Иран испрати тим на Револуционерната гарда на Крим во операција за помош на руската воена офанзива. Од перспектива на европската безбедност, важноста на растечкото учество на Техеран во украинскиот конфликт не може да се игнорира. Ако го оставиме настрана фактот дека ова е првпат по Исламската револуција во 1979 година да се користи какво било иранско оружје на европско тло, растечката поддршка на Техеран за Путин драматично ги зголемува изгледите за поширока ескалација. Западот лесно може да се најде вовлечен во војна која вклучува не една, туку две „непријателски држави“.
Подготвеноста на Иран да ја снабдува Москва со оружје ги поттикна истакнатите политичари во Израел да ја повикаат нацијата на еден вид консензус што ќе резултира со промена на парадигмата во Израел, што се однесува до продажбата на оружје на Киев. И додека официјалниот став на Израелците се уште е таков што нема да и продадат ништо на Украина, останува да се разгледа можноста Израел и Иран да се најдат во војна на украинска територија.
Ескалацијата на Путин на конфликтот во Украина секако претставува голем предизвик за западните сили – што можеби најдобро се илустрира со итното доаѓање на Бен Валас, британскиот министер за одбрана, на разговори во Вашингтон. Состанокот меѓу Валас и неговиот американски колега, Лојд Остин, најверојатно ќе заврши со постигнат некаков договор за зајакнување на поддршката за Украинците во борбата против беспилотните летала, почнувајќи со засилена воздушна одбрана. Во исто време, изгледите за постигнување некаков договор со Техеран за ограничување на нуклеарните амбиции сега се речиси нула.
Со отворено застанување на страната на Москва, Иран ја покажа својата вистинска цел, а тоа е да го испровоцира Западот со сите можни средства, вклучително и воена сила. Сега останува на Западот да разбере дека шансите за постигнување договор со ајатолахот се нула, се додека иранските „камикази“ се користат за тероризирање на цивилите во Украина, т.е. европски градови. Во оваа насока може да се читаат и новите санкции против Иран што Европската унија ги воведе кон Техеран, пишува Њујорк Тајмс. Санкциите првенствено ќе бидат насочени кон компанијата што ги произведе беспилотните летала Шахед-136. Последните санкции се надополнуваат на другите казнени мерки што европскиот блок му ги воведе на Иран од причини кои не се поврзани со војната во Украина. Да речеме, поради задушувањето на мирните антивладини протести кои продолжуваат да доминираат во насловите на светските медиуми.
Претходно во средата, Урсула фон дер Лајен ги нарече руските целни напади врз украинските цивили и инфраструктурата „воени злосторства“: „Меѓународниот поредок е јасен. Тоа се воени злосторства“, изјави таа од Стразбур. „Целни напади врз цивилна инфраструктура со јасна цел да им се оневозможи на мажите, жените и децата вода, струја и греење како што се приближува зимата – ова е чин на чист терор.
(ТБТ, медиуми)










