Д-р Шемоски: „Не се знае дали е потешка мајчината солза кога ги испраќа своите деца во туѓина или маката кога ги гледа своите деца во беда и сиромаштија, а не може да им помогне“.

До пред крајот на двадесетиот век дијаспора беше помалку познат збор. Многу порано, најмногу се користил во неговото првобитно значење на вавилонското прогонство од древното јудејско кралство, кога, според светата легенда, кралот Навуходоносор во шестиот век пред новата ера ја создал еврејската дијаспора преку депортации и протерувања.

Во денешно време кога Македонец ја споменува дијаспората, тој мисли на раселените Македеонци од Блаканот, и секако не на сите раселени жители од Северна Македонија. Кога Албанец од Македонија зборува за дијаспората, тој, исто така, мисли на сите раселени Албанци, не само на оние од Македонија. Само мал број го користат зборот дијаспора за сите раселени лица од Македонија, без обзир на нивната национална припадност. Па така имаме феномени на зборови: македонска дијаспора, албанска дијаспора, српска дијаспора, бошњачка дијаспора и т.н.

Оттука, на жалост дијаспората е ексклузивен етнонационален феномен користен од сите три страни. Кога се зборува за околностите на нивното раселување или дисперзија, редовно се подразбира контингент на колективни различни страдања, пред сѐ од економски и социјални причини, во кои жртви биле луѓето кои се денес дел од дијаспората, (невработеност, неправда, сиромаштво, корупција, несигурност, лош стандард кој е недостоен за човекот), а во голем дел политичарите се причина за нивната (не)среќа, тие се библискиот Навуходоносор. Или, во малку подобар случај, тие се пасивни набљудувачи на маките на народот. Порано, поголем дел од печалбарите и тие кои одлучеле да ја напуштат својата земја, биле претежно припадници од помалкубројните етнички заедници. Затоа, можеби државта и не гледала некој си голем проблем, но во последните неколку години, сиромаштијата и невработеноста ги зафати сите луѓе, без обзир на тоа како се вика, како му се моли на Господ или се не моли никако, од кој дел е од Македонија и тн. Ваквиот начин на гледање на своите“ и на другите е речиси без исклучок на сите национлни страни. Точно, понекогаш се случува некој да ја спомне македонската дијаспора, но ако продолжиме да слушаме или читаме, ќе разбереме дека таа е составена исклучиво од Македонците, или албанската дијаспора се однесува само за Албанците. На крајот, тоа е во согласност со потеклото на зборот и со легендата за дијаспората, која е еврејска и се однесува исклучиво на Евреите, а не на оние кои живееле заедно со Евреите.

Зборот дијаспора на старогрчки (διασπορά) значи расфрлање или сеење семе. Исто така, дијаспора е името за дел од луѓето кои ја напуштиле својата земја каде се родиле и живееле.

На патот кон подобро утре, често забораваме што е навистина подобро за нас. Ние не сме генерација која отркива „топла вода“, прашањето дали сонцето на туѓото небо сјае подобро и поубаво, измачувало илјадници генерации пред нас, сигурно и оние после нас. Несреќниот народ кој порасна со приказната за Југославија и некои минати и посреќни времиња, и новите генерациии кои пораснаа во приказната на транзицијата, не можеа да живеат само од приказни. Бројни генерации на овој несреќен Балкан ги жртвуваа своите животи заради подобар живот за своите деца, а како и да гледаме, овие деца не добија подобар живот, туку можност да се жртвуваат и тие за своите деца. Па, ние се бориме за подобро утре на нашите деца, а во налетот на животот ни секунда не сме размислувале што значи „подобро“.

Има уште нешто, еден збор што би рекле Англичанитеcatch“. Индивидуалната борба за подобро утре на една индивидуа не може да придонесе за подобрување на колективот, а без подобрување на колективното, индивидуалната победа е пораз на колективот. Тоа е како кога еден мете, а петмина валкаат, па овој не може да намете, колку петмина може да извалкаат.

Факт е дека младите не ги добиваа можностите тука како што ги добиваат на Запад, па кога некој наш ќе успее на Запад, ќе постигне многу или ќе постане популарен, тогаш истите тие поради кои заминал во Запад се фалат со него, како е „нашинец“ успешен тамо, се сликаат со него и т.н. Па, каде беше вашиот способен и вреден кога беше тука? Зошто не го приметувавте? Или можеби небеше член на некои партии?!?!

Во долгото и макотрпно размислување доаѓаме до еден заклучок. Напуштањето на татковината е тешка одлука, да се започне одново е уште потешко. Се работи само за давање приоритети. Дали сме подготвени да бидеме граѓани од втор ред во Германија, Австрија, Италија, Австралија и Америка? Колку и да се демократски општества, сепак тамо никогаш нема да ги прифатат нашите деца, секогаш за нив ќе бидат „дојдени од некаде“, со посебна култура, традиција, религија и т.н. Дали сме подготвени за сето тоа, а најважното прашање е дали сме подготвени да започнеме нов живот токму овде, да почнеме да го менуваме сопственото општество, дали сме подготвени да се бориме за она што е НАШЕ? Таа борба е секако најтешка, а можеби и најпрофитабилна. Најтешко е кога таа дијаспора гледа како нашите политичари не можат да се договорат, да седнат како луѓе со отворени карти на маса и да се извинат и конечно да почнат да гледаат напред и да работат во интерес на граѓаните, да створат услови за нашите граѓани да работат и да живеат достојно како луѓе, да не бидеме народ кој плаче од беда, од апатија, од малодушност, каде што не сме во состојба да направиме автопат од 46 километри за 7 години. И да, секогаш кај малите народи, некој друг е виновен, никако не можеме да ја прифатиме вината, само ја префрлуваме вината кон некој друг.

Корист од дијапосрата

Ако се суди според природниот однос кон нашите луѓе кои најчесто во летниот период доаѓаат во татковината каде поминуваат по еден месец, се добива впечаток дека ги доживуваме како добри потрошувачи кои делумно го компензираат намалениот трговски промет кој повторно , е последица на нивното заминување на прво место. Дијаспората на нашата држава и обезбедува неколку стотини милиони евра годишно, а со тоа и овозможува меѓу другото плаќање на плати во јавниот сектор. Станува збор за помош што работниците од дијаспората им ја испраќаат на членовите на семејствата во Македонија. Оваа помош го намалува социјалниот притисок врз државата, а ја зголемува и куповната моќ на населението, што придонесува за општиот економски раст и намалување на дефицитот. Покрај директната помош, дијапосрата гради тука и ги троши своите пари, ги следи цените на градежните материјали, цените на квадратите на становите и гаражите, деловните простории, цените на овошјето и зеленчукот што се продаваат тука. Колку чини сместување во домови за стари лица, лекарски прегледи, вадење на наод, а да не зборуваме за стоматолози и нивните услуги. Цела дијаспора ги следи цените и услугите. И покрај тоа какви се цените, дијапосрата ги остава тука тешко заработените пари во туѓата држава. Па неретко може да слушнеш: „Знаеш ли колку треба да работам во странство за тоа, и како го правам тоа, кој ме прашува дали можам или не. Ако останам дома ми одземаат од платата, работам дали здрав или болен морам затоа што таму (во дијаспората) треба прво да си ги подмириш обврските кон државата, не ни е лесно како што вие вас овде во татковината“. Не се знае кому е потешко, тие кои се останати тука или тие кои си заминале. Едните се жалат на другите,а не можат едни без други.

Едните кажуваат како е таму, како се живее, како се работи, какви се правата и обврските во тие држави, како имаат напредна технологија, културни и верски центри, брзи автопати и брзи возови…. Како луѓето тука да немаат интернет или тв па како да не прочитале или како да не виделе како е таму. Другите пак се лутат како дијаспората многу се жали, па не можат од нив да дојдат на ред и тие да си се пожалат: „ Сепак тука платите се мали, а цените високи, ние си занеме како ние…“. Се жалат за брзо возење на бесните и јаки автомобили, на непочитување на сообраќајните знаци, ги „оставаат“ гумите на асвалт, па неретко можеме да слушнеме: „Ајде вака нека вози тамо, па да видиш како ќе помине…“ Понатаму се жалат дека малку ги посетуваат: „Не влегол дома кај мене, а први род сне..“ и т.н. Но, овие кои не се во дијаспора, не можат да разберат дека човекот кога е дојден тука, на почетокот мисли дека има доволно време, и дека сѐ ќе стигне, а кога се приближува времето за одење назад, тогаш времето уште многу побрзо „одлетува“, не стигнал ниту 20 % да стори од предвиденето, неретко ќе слушниме „купени денови“. За возењето на бесните автомобили, нема некое оправдување, но сепак, како да се чуствуваат „дома“, па повеќе се поведуваат за страста него ли за размислување во тие моменти. Но сепак, едните без другите не можат.

Едно е сигурно, со доаѓањето на дијапосрата можеме да видиме полни и весели улици, полни села и градови, разни веселби, свадби…зголемување на прометот во трговските центри, ресторани, супермаркети… полнење на државниот буџет. Среќата се луѓето, без луѓе нема среќа. Од друга страна за возврат, дијаспората добива километраски колони на граница, колони и губење на време на безброј наплатни куќички, колони во разни административни центри, шалтери и сл. Барем може да им се олесни во тој поглед, во летниот период да се најде начин, да не ги дочекуваат вакви навики. Тие и нивните потомци, и покрај новите околности, новите средини и новите животи, не заборавија од каде доаѓаат. Секогаш постои „тоа нешто“ што ги привлекува во земјата од која доаѓаат и голем број луѓе од дијаспората имаат тенденција да направат нешто за да ги зајакнат врските со нивната прва татковина. Често, сосема погрешно, во Македонија, на дијаспората се гледа како на потенцијални банкомат за пари. Секако дека тие ќе доаѓаат и ќе оставаат пари тука, но ако е лош односот на државата према нив, тогаш прашање е до кога ќе се одлучуваат да доаѓаат тука, можеби нивните деца сѐ помалку ќе размислуваат одморите да ги поминуваат баш тука. Нашите луѓе од дијаспората имаат пари и доколку им се понуди конкретна идеја, обезбеди добар бизнис амбиент и сигурност на инвестициите, овде ќе донесат позитивни практики од Запад и ќе ги вложат своите пари овде. Во спротивно ќе инвестираат некаде на Запад. Меѓутоа, сите овие луѓе, кои сè повеќе ги доживуваме како посетители и туристи, истовремено се полноправни граѓани и на Северна Македнија.

Од сето горенаведено, излегува дека дијаспората е само туристичка сензација која настанала со раселувањето на староседелците. Јасно ми е дека политичарите така мислат, дека заминувањето на луѓето е добра работа и остварена цел за полесно да се владее со оние што останале. Државата треба да направи сѐ за да се исправи неправдата и да се вклучат нашинците кои се иселиле во јавниот и општествениот живот. Дека тие самите можат да работат на систем кој ќе ги препознае и ќе им помогне овде и во институционална смисла да се чувствуваат како дома. Затоа што ова е нивниот дом, нивна земја. И на крајот од приказната ни остануваат сите наши проблеми кои секојдневно ги решаваме со малите приходи и никому не кажуваме „колку е тешко да се живее овде“.

Но, ние сме тука и се бориме со нашите судбини како што знаеме и умееме, а нашите „пријатели и роднини“ некаде далеку ги водат своите битки и товарот на животот.

Секако, свесен сум дека ќе има остри критики и коментари. Меѓутоа, не сакав да ја мачкам нашата дијаспора со ова, туку сакам да укажам во што се претвори дијаспората во споредба со нашите татковци кои одеа пред нив во печалба . Сакам само да истакнам, драги пријатели и роднини, кога ќе дојдете прашајте ги сите како е овде, бидејќи изгледа сте заборавиле зошто заминавте. Драга дијапосро, добро дојдо( отидо) вте.

Д-р Мухамед Шемоски