ВМРО-ДПМНЕ најавува блокада на Собранието од 10 мај освен за закони кои значат повисоки плати и помош за граѓаните. Власта реагира дека не е време за блокади, оти земјата е во криза и ѝ треба функционално собрание. И досега имало блокади на Собранието кои завршиле со преговори или со избори.
Најголемата опозициска партија во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ најавува активна блокада на Собрание од 10 мај, со што сака да предизвика предвремени парламентарни избори. Се планира активна блокада на сè, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој рече дека ќе ѝ предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да блокира сè останато во Парламентот преку филибастеринг, односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.
„Во најмала рака ова е процес кој што ќе трае повеќе месеци, се додека оваа влада не се вразуми. Однапред им се извинувам на граѓаните за период што ќе следи пред нас. Но, мора да не разберат, поддршка ни е потребна, охрабрување ни е потребно од нив, ни треба општествена поддршка за да си ја спасиме Македонија, затоа што ако оваа влада остане уште еден ден повеќе Македонија ќе има помалку на сметка на нив. Затоа почекајте, ќе следат повеќе чекори. Со ова само започнуваме. Не можам да дозволам иднината на Македонија да се крои во Мала речица. Иднината на Македонија ќе ја кројат граѓаните на Македонија, а не тие што се таму сега во Владата“, изјави Мицкоски на 4 мај во одговор на новинарски прашања.
Власта обвинува за деструктивност
Владејачката СДСМ реагира дека Мицкоски одлучил „по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски“.
„Со најавите за уште поголеми блокади, Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата. Со ваквите недржавнички постапки Мицкоски носи штета единствено на граѓаните“, рече на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Повеќе на:РСЕ









