Албанската влада најави дека од 3 април секоја прва недела во месецот ќе биде ден без автомобили во сите градови во земјата. Веста дојде во време на глобална енергетска криза која сериозно ја погоди една од најсиромашните земји во Европа.

Цените на горивото меѓу највисоките на континентот резултираа со протести низ Албанија. „За жал, енергетската криза ја чувствуваме неселективно. Неодамнешните настани ги загрозија сите светски економии и џебот на секое семејство, а последиците се чувствуваат и кај нас“, изјави министерката за туризам Мирела Кумбаро, најавувајќи ден без автомобил, пренесува Euractiv.rs.

Таа рече дека мерките не се само за заштеда на гориво, туку и за благосостојба на животната средина. „Ова се конкретни заложби кои го подобруваат животот“, истакнала Кумбаро, додавајќи: „Ги поканувам секој од вас да стане партнер на оваа иницијатива во вашите градови – за заштеди, за почиста животна средина, за здравје“. Од почетокот на руската специјална операција во Украина, цените на горивата во Албанија надминаа две евра за литар. Во таа земја третина од населението живее под прагот на сиромаштија од пет евра дневно.

Скапото гориво, со поскапување на храната и до 40%, резултираше со големи протести кои траеја една недела. Демонстрантите бараа намалување на даноците и суспензија на ДДВ, што владата го одби. Наместо тоа, формиран е комитет за следење и утврдување на цените, а компаниите за кои ќе се утврди дека се вмешани во злоупотреби ќе се соочат со парични казни и евентуално одземање на лиценцата. Кумбаро го поздрави формирањето на Дирекцијата за транспарентност, велејќи дека таа „има клучна улога во избегнувањето на злоупотребите поврзани со цените на горивата и основните производи за да се заштитат граѓаните“.

Нулта точка / B92