Европскиот парламент усвои резолуција со која се осудува руската инвазија на Украина. За гласаа 637 од 676 пратеници, 13 беа против, а 26 беа воздржани. Резолуцијата остро ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и вмешаноста на Белорусија, и ја повикува Москва веднаш да ги прекине сите воени активности, да ги повлече воените и паравоените сили и опрема од целата меѓународно призната територија на Украина.

Од Русија се бара целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Како што претходно објави EURACTIV.RS, резолуцијата ги осудува и оние кои искажале поддршка на Русија по нејзината агресија врз Украина и ја пофалува поддршката на земјите од Западен Балкан, кои се евроатлантски сојузници, пишува Аваз.